Мирисот е неподнослив, а животинскиот свет е значително намален.Жителите на Велес алармираат дека ова не е првпат езерото да западне во ваква состојба, но досега никогаш не било толку лошо. Се бара итна интервенција од надлежните институции – и на локално и на државно ниво – за расчистување на езерото, подобрување на водостојот и спречување на понатамошна деградација.
Од Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна“ од Велес неодамна предупредија дека годинава нема услови за порибување со предвидените 300 тони крап, бидејќи водата е загадена со фекалии и без присуство на кислород – состојба што ќе резултира со масовно угинување на рибата.
Како што порача претседателот на ЗСР „Бабуна“, Даниел Наумовски, тие добиле официјален допис од Хидробиолошкиот завод од Охрид врз база на стручна анализа на водата, во кој јасно е наведено дека водата не е погодна за порибување. Овој документ веќе бил доставен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат, кој во јануари го одложил порибувањето, но сепак сега бара тоа да се изврши најдоцна до 15 јуни.
„Состојбата не е променета – водата и натаму е загадена. Како концесионери сме законски обврзани да го порибиме езерото еднаш годишно, но сега сме против тоа. Ако пуштиме риба од чиста вода во оваа загадена, таа веднаш ќе изумре“, вели Наумовски.