Изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска и компанијата за истражување и развој „Веда“ ја добија наградата Патент на годината за изумот „еколошки систем за гасење пожар“. Ова е највисоката државна награда за изуми и традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост. „Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.
Во 2022 година овој изум ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието „Жена во фокус на технологијата“. „Драго ми е што со ова признание Патент на годината завршува процедурата дома, а ние ќе продолжиме и понатаму и ќе го патентираме нашиот пронајдок и во странство. Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис, бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Така што, значењето на овој пронајдок ги надминува границите на нашата фирма и на нашата држава. Тој е значаен за развојот на различни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.