Во интервју на „Канал 5“, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче потенцираше дека сите економски параметри се намалуваат, а растот на инвестициите, со кој се фали власта, е резултат на позитивните политики на владата предводена од СДСМ.
„Тоа се инвестиции кои биле проектирани и започнати за време на нашата влада. Какви инвестиции ќе донесе оваа влада, ќе видиме дури во втората половина на оваа година, бидејќи најмалку толку време е потребно за да се подготви инвестициски проект“ – рече Филипче.
Тој рече и дека зголемувањето на БДП од 3,2 отсто во последниот квартал од 2024 година се должи на зголемената внатрешна побарувачка, особено во градежните активности поврзани со Коридорите 8 и 10 – и на ништо повеќе. „Сè друго стагнира. Капиталните инвестиции исто така стагнираат – во првите два месеци од годинава реализацијата е само 2%, за разлика од 12% во истиот период од 2024 година. Имаме сериозен проблем со иселувањето на младата работна сила, извозот се намалува, а компаниите во економските зони отпуштаат работници,“ истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.