Лидерот на едно од крилата на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на средба со премиерот Христијан Мицкоски му предложил да ги исфрлат останатите од ВЛЕН од Владата и да постигнат договор со ДУИ на Али Ахмети, бидејќи така ќе владееле подолго и постабилно, дознава „Фокус“ од високи владини извори. Претходно, мразот меѓу Таравари и Ахмети се кршел со помош на албанскиот амбасадор во земјава, со чие посредништво се обновила комуникацијата меѓу нив. Сепак, нивниот план не се реализирал, бидејќи го отфрлил Мицкоски. Со поднесувањето на оставката од функцијата министер за здравство, еден од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ја официјализираше одлуката да ја напушти Владата и да се пресели во опозиција, што претставува последица од конфликтот во рамки на коалицијата ВЛЕН поради контактите и средбите на Таравари со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Според информации на „Фокус“, во насока на приближување на ставовите меѓу Таравари и Ахмети значајна улога одиграл албанскиот амбасадор во земјава Деонин Мејдани, кој посредувал и при остварување на личните контакти и директни средби меѓу нив. За потсетување, првично Таравари и Ахмети велеа дека имаат само канали за комуникација и телефонски разговор, но признаа дека имале и неколку средби откако ги разоткри Зијадин Села. Нашите извори велат дека Албанија и албанскиот премиер Еди Рама оцениле дека Таравари може да биде партнер во остварување на целта за факторизација на Албанците во Македонија, што би подразбирало и политичка рехабилитација на Ахмети, амнестија на негови сопартијци и враќање на ДУИ на власт. Како што е познато, тоа е спротивно на линијата што ја застапува Косово на чело со премиерот Албин Курти, кој отворено го поддржува ВЛЕН, па дури има и свои претставници во коалицијата, како што е пратеникот Беќим Ќоку.
Неофицијално, Таравари со тек на време, поради повеќе причини од различна природа, прифатил да стане дел од оваа операција на Тирана, чија цел е премостување на ДУИ од опозиција кон власта. Всушност, дознаваме дека Таравари со таква позиција настапил и на средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кому отворено му предложил останатите од ВЛЕН да се исфрлат во опозиција и на нивно место да дојде ДУИ, бидејќи така, според него, би владееле подолго, поодржливо и постабилно. Дека се одржала средба на која Таравари му предложил на Мицкоски да го заменат остатокот од ВЛЕН со ДУИ, ни потврди висок владин функционер, кој додава дека премиерот го отфрлил предлогот поради предизборното ветување дека нема да коалицира со нереформирано ДУИ, како и поради коректност кон останатите партнери во ВЛЕН – првиот вицепремиер Изет Меџити, тетовскиот градоначалник Биљал Касами и собранискиот спикер Африм Гаши, кој на лидерската позиција во партијата беше заменет од Зеќирија Ибраими.
Во врска со тоа, се обративме официјално до Владата, но не добивме одговор на прашањето за средбата меѓу Мицкоски и Таравари. Исто така, се обративме и директно до Таравари, кој, сепак, тврди дека никогаш на Мицкоски не му предложил да направат Влада со ДУИ. Воедно, тој уверува дека неговото крило на Алијанса сигурно нема да стане дел од Европскиот фронт предводен од интегративците и притоа ја отфрла можноста повторно да влезе во трка за градоначалник на Гостивар. Инаку, Таравари неодамна почна да го преиспитува принципот за партнерско договорање во ВЛЕН, сметајќи дека треба да има најголем удел во коалицијата. Набргу потоа, тој почна и јавно да говори за разликите и несогласувањата во албанската владејачка коалиција. Поточно, говореше за „неусогласност“ и „лошо функционирање“ на коалицијата како дел од Владата, но првично не упатуваше никакви критики кон ВМРО-ДПМНЕ, па дури во една прилика соработката со премиерот Мицкоски ја нарече „прекрасна“. –Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата… Впечатокот на околу 70 отсто од населението Албанци е дека ВЛЕН не функционира добро – рече тој.