Климатските промени, користењето на водата за наводнување и подземните истекувања на вода се меѓу најсериозните проблеми на езерото. Експерти на Рамсарската Конвенција ќе го истражуваат Преспанското езеро и природниот парк Езерани кои се на листата на заштитени рамсарски подрачја од 1996 година. Целта е да се дадат експертски совети и препораки како најдобро да се управува со екосистемот за да се заштити од изумирање. Мисијата е дојдена по барање на Министерството за животна средина и во следниот период ќе ги посети сите три држави кои го делат Преспанското езеро. Министерот Изет Меџити денеска се сретна со експертите и посочи дека намалувањето на нивото на езерото има негативно влијание врз биодиверзитетот, но и на севкупниот живот на заедниците од овој регион, заради што мисијата на Рамсарската Конвенција е од огромно значење.
„Преспанското езеро се соочува со огромни загуби на вода, што претставува сериозен проблем за екосистемот. Климатските промени, користењето на водата за наводнување и подземните истекувања на вода се меѓу најсериозните проблеми со кои се соочуваме и за кои ќе бараме решение“, рече Меџити и посочи дека очекува теренските истражувања на мисијата во земјава, Грција и Албанија да обезбедат препораки како сите држави да работат за да се заштити ова природно богатство. Флора Лафај ДеМишо, постар советник за Европа на Конвенцијата истакна дека се задоволни од контунираниот напор што трите држави го вложуваат за зачувување на езерото, кое е бисер на регионот. „Би сакале поголемо внимание и инвестиции за Преспанското езеро, со оглед на тоа дека има голем број на поддржувачи на активностите како што се Европската Унија, УНДП, ГЕФ и трите влади. Сакаме напорите да резултираат со успех и да се надминат цивилизациските болести од кои страда езерото, загадувањето, еутрофикацијата и климатските промени“, рече Лафај ДеМишо. Извор: Новинска агенција МЕТА