Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го избра поранешниот командант на морнарицата Ели Шарвит за директор на израелската служба за внатрешна безбедност (Шин Бет), соопшти денеска кабинетот на премиерот.
„По спроведувањето на опсежни интервјуа со седум квалификувани кандидати, премиерот Бенјамин Нетанјаху одлучи да го назначи поранешниот командант на морнарицата адмирал Ели Шарвит за следен директор на Шин Бет“, се вели во соопштението. Врховниот суд неодамна го суспендираше разрешувањето на актуелниот шеф на Шин Бет, Ронен Бар, додека ги разгледува жалбите против одлуката на владата до 8 април.
Владата, една од најдесничарските влади во историјата на Израел, на 20 март најави смена на Бар, кому Нетанјаху вели дека повеќе не му верува, додека илјадници Израелци демонстрираа во Ерусалим против неговата смена. Против одлуката на Владата беа поднесени пет жалби.