Европската комисијата ја зема предвид денешната одлука на Општиот суд на ЕУ во врска со барањето за пристап до документи, во која се оценува дека „требало да даде подетално објаснување во својата одлука дека не ги поседува бараните документи“ и внимателно ќе ја проучи, по што ќе реши за следните чекори, соопшти денеска ЕК. Соопштението претставува реакција на денешната пресуда на Општиот суд дека Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност на ЕУ со тоа што го одбила барањето на новинар за пристап до текстуалните пораки меѓу претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла за набавката на вакцини против Ковид-19 за Унијата.
– Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата во врска со пристапот до документи. Овие правила имаат за цел да обезбедат интегритет на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност со тоа што ќе се осигурат дека важните документи што ги изготвува или прима Комисијата се лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ, се наведува во соопштението. Во него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се додава дека по внимателното проучување на одлуката на Судот, Комисијата ќе даде подетално објаснување и ќе реши за своите следните чекори во однос на ова прашање.
– Транспарентноста отсекогаш имале најголема важност за Комисијата и претседателката фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до цврстата законска рамка што е во сила за спроведување на нашите обврски. Остануваме целосно посветени на одржување на отвореност, отчетност и јасна комуникација со сите засегнати страни, вклучувајќи ги институциите на ЕУ, граѓанското општество и претставниците на интересите, се додава во реакцијата на ЕК. Решавајќи по тужбата на весникот „Њујорк тајмс“ затоа што ЕК одбила на негова новинарка да и ги достави на увид СМС-пораки разменети меѓу Фон дер Лајен и Бурла од пролетта 2021 година, со кои се договарала набавката вакцини во екот на пандемијата на Ковид-19 низ Европа, Судот со седиште во Луксембург оцени дека Европската комисијата „не дала веродостојно објаснување за да го оправда“ одбивањето на барањето на новинарката.