Енвер Беџети, известителот за пресудата на Мијалков, девет месеци ја чувал одлуката во фиока, но е најсериозен кандидат за нов врховен судија. Во петчлениот совет во Апелација, со кој претседавал Јани Нича, судијата Енвер Беџети бил известител кој со месеци ја одолговлекувал пресудата за „Тврдина таргет“ и масовното прислушување, дознава Телма од судски извори.
Јавната расправа за случајот е одржана во март, а судијата известител е должен во рок од 60 дена да ја подготви пресудата и да ја даде на верификација кај останатите членови на советот. Но, наместо два месеца, одлуката била криена девет месеци до почетокот на декември. На рочиштето, четворица судии гласале „за“, судијката Тања Милева имала издвоено мислење за одлуката, брифираат за Телма судски извори.
Судијата известител, Енвер Беџети е единствен кој може да иницира рочиште за предметот „Тврдина таргет“ и од него зависи текот и брзината на постапката. Инаку, Беџети во судските кулоари се смета за најсериозен кандидат за унапредување во Врховниот суд. Синот на судијата известител, Енвер Беџети, пак е на Академијата за судии и обвинители и е пред завршување и избор за нов судија. Судскиот совет, по огромните јавни реакции за скандалозната одлука на скопска Апелација, најави дека ќе ја разгледува постапката за да утврди дали поништувањето на пресудата за масовно кршење на човекови права е донесена во согласност со законските услови.