Епидемиолозите од ИЈЗ се во редовна комуникација со двете позитивни лица на MPOX, како и со посочените контакти. Двете позитивни лица на MPOX се во добра здравствена состојба. Нема нови суспектни случаи на MPOX испратени на тестирање и нема нови позитивни случаи на MPOX, посочуваат од ИЈЗ. Никој од посочените контакти не пријавува симптоми на MPOX. ИЈЗ претходните денови објави препораки до граѓаните на веб страната, отвори 2 (две) нови линии за консултации на граѓани и здравствени работници.
„Воедно ИЈЗ изработи водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за суспектни случаи на MPOX кој беше доставен до Министерството за здравство и од таму проследен до надлежните здравствени институции. Во текот на следните денови ќе биде организирана и онлајн обука за здрвствени работници за следење на протоколите. Засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок со оглед на брзата реакција и преземените активности од страна на институциите. Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство, заедно со останатите надлежни институции се во постојана комуникација и координација и остануваат посветени во следење на актуелната состојба како и справување со истата“, велат од ИЈЗ.