Епископот антаниски г. Партениј му честиташе на Георгиј на изборот на митрополит Дебарско-кичевски.
„Почитувајќи ја одлуката на Светиот синод, нашето монашко братство, предводено од Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, му упатува срдечни честитки на новоизбраниот и молитвени благопожелби за богоблагословено архипастирско служење, исполнето со просветление, мудрост и пожртвувана љубов кон Христовото словесно стадо“, се вели во објавата на Бигорскиот манастир. На денешната седница на Светиот архиерејски синод, без ниту еден глас против, игуменот Георгиј беше избран за наследник на владиката Тимотеј кој беше на чело на оваа епархија.
Пред изборот на Георгиј за нов водач на Дебарско-кичевската епархија, на социјалните мрежи и низ повеќе градови се водеше неформална кампања и се организираа протести со барање токму епископот Партениј да биде назначен за митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Според информациите, наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се одржи на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник.