Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека израелските власти „си играат со оган“ со нивните провокации насочени кон џамијата Ал Акса во Ерусалим, јавува „Хуриет“. Тој ја даде изјавата вечерва во Анкара за време на официјалната ифтар вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан со странски амбасадори, организирана од владејачката Партија на правдата и развојот.
„Сакам да ги потсетам моите соговорници дека џамијата Ал Акса е нашата црвена линија“, рече Ердоган, нагласувајќи дека муслиманите, кои претставуваат четвртина од светската популација, заслужуваат активно да учествуваат во донесувањето одлуки од светско значење. На крајот од својата изјава турскиот претседател рече дека Израел нема да го постигне мирот што го сака без создавање на независна и географски посебна палестинска држава заснована на границите од 1967 година.