Лани имавме трговска размена од милијарда долари кои треба да ги удвоиме во првата прилика, рече турскиот претседател, посочувајќи дека ќе биде потребно ревидирање на Договорот за слободна трговија. Турскиот претседател се надева оти ќе присуствува на првата седница на Советот за соработка на највисоко ниво што ќе се одржи во Скопје, откако Македонија и Турција во Истанбул во петокот потпишаа политичка декларација за формирање на Советот, во која земјите се заложија дека ќе соработуваат во сите области со особен акцент на економијата. Документот ги подигнува билтералните односи меѓу земјите на ново рамниште. Ердоган најави дека со идните активности ќе се зголеми економската и трговската размена на уште повисоко ниво и оцени дека односите меѓу двете земји се силни како што е силен Камениот мост во Скопје. – Лани имавме трговска размена од милијарда долари кои треба да ги удвоиме во првата прилика – рече Ердоган, посочувајќи дека ќе биде потребно ревидирање на Договорот за слободна трговија.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција истакна дека заложбата е да се зголемат инвестициите од, како што вели, еден од нашите најголеми партнери и поддржувачи, Турција, со кој имаме клучно стратешко партнерство.
Мицкоски најави дека двете земји ќе соработуваат во сите области од заеднички интерес на највисоко ниво. Тој го покани Ердоган да дојде во Македонија во првата можна прилика. – Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила во регионот. Заедничката заложба е да ги зголемите турските инвестиции во Македонија. Да создадеме нови можности за турските компании на македонскиот пазар. Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас во патната и во железничката инфраструктура. Од друга страна, неодамна имаме соработка во енергетиката со значајна турска компанија за изградба на когенеративни гасни централи и топловодна и гасна мрежа во висина до 1 милијарда долари. Дополнително, разговаравме и за унапредување на соработката во безбедноста, образованието, културата и во здравството. Исто така отворивме и теми за кои претходно зборуваше претседателот Ердоган – истакна премиерот.