ЕСМ објави дека преку подружницата „Продажба“ ја подготвува документацијата за склучување договори за снабдување со електрична енергија, со кои од 1 декември поевтина струја треба да добијат големите прехрамбени компании, училиштата и водоводните претпријатија.
„Согласно Одлуките од Влада на Р. Северна Македонија за преземање на мерката за обезбедување непречено и сигурно снабдување со електрична енергија на јавните претпријатија, основните и средни јавни училишта и компаниите од прехранбената индустрија во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, потребно е наведените потрошувачи да склучат договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба“, се вели во повикот.
Од таму додаваат дека има зголемен интерес од нивна страна за процесот и условите на склучување на договорот. Во наредните денови ќе бидат објавени договорите за снабдување за наведените компании и училиштата, потребната документација за склучување на договор, упатство како и начинот на размена на документите.