ЕСМ ќе побара заем од уште 30 милиони евра од домашна деловна банка за да ги покрие долговите и обврските што ги има кон доверителите.Минатата година државните електрани се задолжија со синдициран кредит од 82 милиони евра кај четири домашни банки со двегодишен грејс период.
Генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, на денешниот брифинг со новинарите рече дека тие 82 милиони евра веќе се потрошени за покривање на долговите кон клучни фирми доверители за работењето на државните електрани.Кон овие фирми тогашниот долг изнесувал 100 тина милиони евра и од таму пристигнувале најави за тужби со високи камати.
Новиот кредит од 30 милиони евра ќе биде одобрен од една банка која Узунчев засега не ја открива но очекува договорот да биде потпишан следната недела.Каматата на кредитот, според очекувањата, би требало да биде околу 3,5 отсто.
– Оваа година како и минатата не работиме со финансиска поддршка од буџетот на државата. Но во иднина ќе го зголемиме производството и ќе ги намалуваме трошоците, а со тоа ќе може и да се враќаат кредитните обврски, рече Узунчев.