Оваа недела ЕУ ќе им предложи на министрите за финансии на групата Г7 од седумте најголеми светски економии да се намали сегашната ценовна граница од 60 долари за барел за руската нафта што се транспортира по морски пат, како дел од новиот пакет санкции против Русија, изјави европскиот економски комесар Валдис Домбровскис. Домбровскис не го спомна нивото до кое Европската унија би сакала да ја намали највисоката цена, но информирани европски претставници рекоа дека ЕУ ќе предложи 50 долари за барел. На прашањето на новинарите дали ќе предложи намалување на ограничувањата на овонеделниот состанок на Г7 во Канада, Домбровскис даде потврден одговор. „Ова е нешто што ние како Комисија го истакнавме во контекст на 18-тиот пакет санкции. Очекуваме и одреден интерес на другите партнери од Г7 во овој поглед и одредена дискусија“, рече тој.
Земјите од Г7 ги вклучуваат САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија. На состаноците на министрите за финансии на Г7 учествуваат и Европската комисија и претседавачот на министрите за финансии на еврозоната. Г7 ги ограничи цените во декември 2022 година, забранувајќи ја трговијата со руска сурова нафта што ја носат танкери над 60 долари за барел и им забрани на бродските, осигурителните и реосигурителните компании да управуваат со товари полни со руска сурова нафта ширум светот, освен ако не се продава по цена под зададената граница.
Мерката имаше за цел да ги намали приходите на Русија за земјата да има помалку пари за финансирање на војната во Украина, а во исто време да спречи нагло намалување на глобалното снабдување со нафта. Русија ги заобиколи ценовните ограничувања на Г7 користејќи „флота во сенка“, танкери кои не се осигурани од западни компании, а руската сурова нафта најчесто се тргуваше над ценовната граница. Цената на руската нафта падна под 60 долари на почетокот на април како резултат на глобалната загриженост за економскиот раст по американските најави за глобални царини кои исто така влијаеа на цената на нафтата.