Предлогот за закон, усвоен денеска од Европскиот парламент со 457 гласови „за“, 17 „против“ и 86 „воздржани“, ги поставува првите единствени стандарди на ЕУ за одгледување, сместување и следење на кучиња и мачки.Со оглед на тоа што речиси 44 отсто од граѓаните во ЕУ поседуваат домашно милениче, трговијата со кучиња и мачки брзо расте во последните години, достигнувајќи 1,3 милијарди евра годишно, според Комисијата.
Околу 60 отсто од сопствениците купуваат кучиња или мачки преку интернет. Во отсуство на хармонизирани минимални стандарди за благосостојба на кучињата и на мачките низ цела ЕУ, Комисијата предложи нови правила на 7 декември 2023 година.Според законскиот предлог усвоен од Европскиот парламент во петокот, сите кучиња и мачки во ЕУ ќе мора да бидат индивидуално идентификувани со микрочип.Исто така, ќе се бара кучињата и мачките со микрочип да бидат регистрирани во интероперабилни национални бази на податоци. Идентификациски броеви, како и информациите за секоја национална база на податоци, ќе се чуваат во единствен индекс управуван од Комисијата.Чувањето или продажбата на кучиња и мачки во продавници за домашни миленици треба да се забрани, велат европратениците.
За да се затворат потенцијалните дупки во законот што би им дозволиле на кучињата и на мачките да влезат во ЕУ како домашни миленици за последователна продажба, европратениците сакаат да ги прошират правилата и на комерцијални и на некомерцијални движења на кучиња и мачки што влегуваат во ЕУ.
Кучињата и мачките увезени од трети земји за продажба треба да бидат микрочипирани пред нивниот прв влез во ЕУ, а потоа регистрирани во национална база на податоци. Сопствениците на домашни миленици што влегуваат во ЕУ треба да се осигурат дека се регистрирани во една од базите на податоци на земјите членки на местото на дестинација најмалку пет работни дена пред пристигнувањето.
Инбридирањето на кучиња и мачки (меѓу родители и деца, браќа и сестри, полубраќа и сестри или баби и дедовци и внуци) треба да се забрани, нагласуваат европратениците.
Тие исто така сакаат забрана за одгледување кучиња или мачки со претерани телесни црти што претставуваат висок ризик од негативни последици за нивната благосостојба, како и забрана за употреба на такви животни (и осакатени кучиња и мачки) на претстави, изложби и натпревари за убавина.
Врзувањето на животните е забрането, освен за времетраењето на медицинскиот третман, како и употребата на ремени со шилци и ремени за давење без безбедносен механизам, велат европратениците.
Европскиот парламент сега ќе започне преговори со Советот на ЕУ за конечната форма на легислативата.