Ниту една здравствена и образовна институција поддржана од Србија, ниту други структури во Косово кои Србија ги поддржува за обезбедување на основни социјални услуги, не треба да бидат затворени, соопштија официјални лица на ЕУ, пренесе Косово онлајн. Коментирајќи ги акциите спроведени вчера од страна на Косовската полиција, ЕУ наведува дека статусот на српските системи во Косово треба да се реши преку дијалог.
“Ние имавме предвид дека Косовската полиција ќе спроведе нови операции против структурите поддржани од Србите вчера (23 април). Чекаме понатамошни детали за да ги утврдиме фактите. Како што беше претходно наведено, статусот на овие структури и услуги поддржани од Србија е предвидено да се реши преку дијалог и нормализација на односите”, се вели во одговорот на портпаролот на ЕУ за Косово Онлајн. Вчера, Косовската полиција изврши рација во канцелариите на Новото јавно комунално претпријатие во Штрпце, а потоа и во ПИО фондот и Националната служба за вработување во Лепосавиќ.