Европската унија ја одложи имплементацијата на новите предвидени царини кон САД за 90 дена, по најавата на американскиот претседател за пауза во истото времетраење. Европската унија објави дека ги ставува на пауза мерките кои беа предвидени како одговор на САД за 90 дена, откако претседателот Доналд Трамп, во средата најави слична пауза. „Сакаме да им дадеме шанса на преговорите“, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата X.
We took note of the announcement by President Trump.
We want to give negotiations a chance.
While finalising the adoption of the EU countermeasures that saw strong support from our Member States, we will put them on hold for 90 days.
If negotiations are not satisfactory, our…
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) April 10, 2025
ЕУ во средата го поддржа своето прво на контрамерки против тарифите на челик и алуминиум кои Трамп ги најави уште во март, објави Си-Ен-Ен. По најавата за одговор од ЕУ, американскиот претседател најави 90-дневна пауза на „реципрочните“ царини кои се закануваше дека ќе ги наметне на стотици земји од светот. „Ако преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, додаде фон дер Лајен. Блокот од 27 земји беше погоден од три типа на царини: 25 отсто на извоз на челик и алуминиум, 25 отсто на извоз на автомобили и 20 отсто на т.н. реципрочни царини за сите останати стоки. Иако „реципрочните“ царини се паузирани, Трамп рече дека индустриските царини ќе останат непроменети – како и минималните 10 отсто за сите земји.
Додека неочекуваниот пресврт на тарифите од страна на Трамп беше олеснување за многумина во Европа, инвеститорите и аналитичарите предупредуваат дека непредвидливата природа на неговата трговска политика веројатно ќе го намали инвестирањето и може да го забави глобалниот економски раст. „Јасни и предвидливи услови се суштински за функцијата на трговијата и снабдувачките синџири“, изјави фон дер Лајен во посебно соопштение. Иако ЕУ „останува посветена на конструктивни преговори“ со САД, блокот исто така се фокусира на „диверзификација на трговските партнерства, со земји кои учествуваат во 87 отсто од глобалната трговија“, рече фон дер Лајен. Извор: Новинска агенција МЕТА