Како што објаснуваат упатените, проблемот е во земјите од регионот што треба да постигнат договор за заем со Европската унија, бидејќи едни финансиски средства се во форма на заеми, а други во форма на грантови. А таквите договори имаат карактер на меѓународни договори и затоа мора да бидат ратификувани од парламентите на тие земји. „Изгледа дека овојпат ЕУ е поподготвена да изврши плаќања од овој пакет отколку што се подготвени да ги добијат земјите од регионот“, изјави извор од Брисел за Радио Слободна Европа. Од Европската комисија нема прецизно објаснување во која фаза е секоја земја од регионот во однос на обврските неопходни за започнување на плаќањата.
„За да започнат реформите, земјите може да побараат до 7 отсто од предфинансирањето од вкупниот износ предвиден со овој инструмент (од првичниот индикативен износ на финансирање што е достапен за секој корисник). Ова го побараа сите пет корисници со одобрени реформски агенди (освен Босна и Херцеговина, која се уште не доставила)“, се наведува во одговорот на Европската комисија. За да може да добие финансиска помош од Планот за раст, од секоја земја во регионот се бараше да развие реформска агенда која потоа беше одобрена од ЕК. Босна и Херцеговина е единствената земја која нема одобрена агенда бидејќи Сараево до Брисел достави нецелосен документ кој не ги исполнува критериумите на ЕК.