Македонската ракометна репрезентација вчера ги дозна ривалите со кои ќе се соочи на Европското првенство кое ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари следната година во три скандинавски земји, Данска, Шведска и Норвешка. Нашата селекција се најде во „Б“ групата, што значи дека уште на самиот почеток ќе се соочи со една од домаќините, Данска. Во групата се и цврстата репрезентација на Португалија, како и Романија, која доаѓа од последниот шешир.
Иако Европската ракометна федерација (ЕХФ) првично го објави распоредот на натпреварите, во текот на вчерашниот ден дојде до една корекција. Македонија ќе го отвори првенството на 16 јануари против Данска. Следниот предизвик ќе биде Португалија на 18 јануари, додека дуелот со Романија е закажан за 20 јануари во Хернинг, со што ќе се заокружи настапот во групната фаза. Првично во второто коло требаше да играме проитв Романија, а потоа со Португалија.