Општина Аеродром информира дека и годинава ќе се одржи „Е-Капитолијада 2025“ на која ќе учествуваат деца од градинките и од основните училишта од Општина Аеродром, а најдобрите ќе освојат вредни награди. Учесниците имаат задача да изработат индивидуална или групна екокреативна маска во која ќе имаат вклучено најмалку 3 стари и неисправни електронски и/или електрични уреди и стари и потрошени батерии. Потоа треба да се испрати фотографија од направената екомаска во директна порака на фан-страницата на Капитол мол, заедно со уредно потпишана пријава од родител/стрател за индивидуална маска или воспитувач/наставник за групна маска, објаснуваат од Општината.
Децата можат да добијат награда за најдобра индивидуална или групна маска од стручно жири или пак за „најлајкувана“ индивидуална маска на фејсбук-страницата на Капитол мол. За категоријата „најлајкувана“ маска важечки ќе бидат гласовите од почетокот на објавата на фејсбук-страницата до крајот на дигиталната кампања, заклучно со 30 март до 12 часот, а резултатите ќе бидат објавени на 1 април. „Е-Капитолијада 2025“ се одржува со поддршка од Општина Аеродром и Амбасадата на Република Словенија во Скопје, а главната цел е подигање на свеста кај најмалите за штетноста на електронскиот и електричниот отпад за животната средина доколку се фрла на несоодветни места или не се врши негово рециклирање.