Во далечната 2000 година Коста Шапков беше 55-годишен машинобравар. Сега има речиси 80 години, се радува на своите внуци и на секој нов ден. Први март 2000 година, 16 часот се денот и часот кои тој вечно ќе ги памети, како почеток на неговиот втор живот. Шапков беше првиот пациент во Клиника Жан Митрев, кога врз него беше изведена првата бајпас операција во Македонија. Пред неколку години, Шапков скромно изјави дека „некој морало да биде прв“.
„Ете, мене така ми се погоди. Не се надевав дека со мене и моето име ќе се испише историјата“, рече Шапков. И основачот на клиниката, д-р Жан Митрев, овој датум и овој час ќе го памети вечно, бидејќи тогаш се ставија темелите на тогашната Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“, која подоцна прерасна во Клиника Жан Митрев, а тој ја изведе првата бајпас операција. Зафатот траеше повеќе од четири часа и заврши успешно, а во една прилика, д-р Жан Митрев изјави дека оваа операција била неговата најтешка, опишувајќи ја како „операција на духовното срце на Македонија“ и реализација на една визија, означувајќи нова ера во македонската кардиоваскуларна хирургија.
Кочанчанецот Шапков во далечната 2000 година почувствувал болка во градите, веднаш се упатил во болница и бил препратен во Скопје. На скопската клиника му било кажано дека таква интервенција не може да се направи и како опција му била препорачана Бугарија.
„Таму јас не можев да одам, а веќе имав чуено за д-р Жан Митрев и сакав да се оперирам кај него. И по некое време навистина добив телефонски повик, да дојдам и да почнам со испитувањата. Кога дојде д-р Жан Митрев, ми рече, Коста, тебе прв ќе те оперираме, работата е критична. Јас реков оперирајте, мора некој да биде прв“, раскажа Шапков.