Островот е прогласен за подрачје со вонредна состојба, откако пожарот опустоши големи површини шума и обработливо земјиште, а стотици жители беа принудени да ги напуштат своите домови.
Голем пожар трет ден ја пустоши грчкиот остров Хиос, каде стотици пожарникари и волонтери водат тешка битка со пламените јазици, додека полицијата истражува можноста пожарите да биле подметнати. Според информации на грчките медиуми, една жена е осомничена дека намерно предизвикала пожар и веќе е под истрага на локалните власти.
Островот е прогласен за подрачје со вонредна состојба, откако пожарот опустоши големи површини шума и обработливо земјиште, а стотици жители беа принудени да ги напуштат своите домови.Според извештајот на „Ројтерс“, на терен се ангажирани повеќе од 400 пожарникари, 14 хеликоптери и 4 авиони кои интервенираат на неколку критични локации во североисточниот дел на Егејското Море.
Хиос се наоѓа во срцето на туристичката сезона, а властите со сите сили се обидуваат да спречат огнот да го зафати подрачјето познато по производството на мастика – природна смола која се добива од мастикови дрвја.
– Пожарот се приближи до куќите – изјави за Ројтерс локалниот жител Стаматис Зеонидис, додавајќи дека благодарение на волонтерите огнот бил привремено одбиен.
– Ситуацијата е многу тешка, има повеќе отворени фронтови и многу села се загрозени. Ги напуштивме работните места за да помогнеме. Се надеваме дека ќе го спасиме островот – додаде волонтерот Андонис Микудис.
– Сцените беа застрашувачки. Но, фала му на Бога, се надеваме дека нема да се прошири понатаму кон југ – рече волонтерот, Јоанис Псилос.Поради засилениот северен ветер, гаснењето е уште потешко. Грчката противпожарна служба денес објави ново предупредување за евакуација на селата југозападно од градот Хиос, главниот град на островот.
– Сè уште е потребна многу работа за да се стават пожарите под контрола – изјави еден од официјалните претставници на пожарникарските единици.Грција често се соочува со слични катастрофи за време на горештините, но последниве години, според властите, климатските промени ги прават пожарите уште поразорни.