Поранешниот дипломат и амбасадор Андреј Жерновски во изјава за Рацин тврди дека дисциплинската постапка против него била иницирана врз основа на лажни обвинувања, со цел политичка пресметка. Тој нагласува дека неговото име, како и името на амбасадорот Љубомир Фрчкоски, било цел на политички манипулации уште за време на изборите.
„Со моето име и со името на амбасадорот Фрчкоски се манипулираше уште за време на изборите, што јасно покажува каков беше концептот на ВМРО-ДПМНЕ доколку дојде на власт. Во мојот случај, се бараше по секоја цена некаква причина, а тоа се правеше и преку весникот „Вечер“. Намерно го споменувам „Вечер“, бидејќи веќе ги дадов на суд и судскиот процес е започнат. Ќе видиме дали и кога Латас ќе се појави. Објавено беше дека причината поради која ме повикуваат на консултации е наводна физичка пресметка на дипломатски прием, на кој присуствувала министерката за надворешни работи на Романија. Според медиумските извештаи, таа наводно била уплашена и веднаш го информирала нашиот министер за надворешни работи. Ова тврдење е апсолутна невистина“ изјави Жерновски.
Тој тврди дека процесот на негово повикување на консултации бил политички мотивиран и спроведен спротивно на законските рокови. Тој тврди дека Министерството за надворешни работи (МНР) никогаш не демантирало лажни информации пласирани во медиумите и дека тие биле користени како основа за негово повикување. Жерновски додаде дека покренал судска постапка против медиумите кои ги објавиле невистините и дека ќе продолжи да се бори за правдата. Според него, веста дека тој учествувал во физичка пресметка на дипломатски прием во присуство на министерката за надворешни работи на Романија е целосна невистина.
Јас не велам дека немам мани, но да се сепам на прием? Од самиот почеток ми беше јасно која е нивната намера. Го прашав министерот при консултациите од каде потекнува ова обвинување. Знаев дека доаѓа од него – не можев да замислам кој друг би можел да го иницира. Најинтересно е тоа што, според одговорот на „Вечер“ во рамки на судската процедура, информацијата била добиена од Министерството за надворешни работи, што ќе послужи како доказ понатаму. Освен тоа, никогаш не беше демантирано дека овие тврдења се измислици. Потоа се влезе во друга фаза на постапката, но беше само прашање на време кога ќе се случи ова. Проблемот е што, според законот, консултациите треба да траат најмногу 60 дена. Во тој рок, амбасадорот или се известува за промена, или се враќа на функцијата во земјата на прием, во мојот случај – Романија. Наместо 60 дена, јас бев задржан во земјава цели шест месеци, што јасно говори за карактерот на министерот, дипломатијата и ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, да не беше ова, веројатно немаше да разговараме денес“ нагласува Жерновски.