Македонија ја живее најлошата економска состојба во последните децении и тоа е факт, истакна членот на ИО на СДСМ Андреј Жерновски, во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, коментирајќи ги состојбите по една година влада на ВМРО-ДПМНЕ.
-Куповната моќ на граѓаните е намалена за 20%. Цените дивеат. Луѓе не може да влезат во самопослуга да купат основни производи. Владата не презема никакви мерки да го стабилизира сето тоа. Трошоците за живот се зголемени 3,3%. Инфлацијата е над 4%. Платите мируваат, а не се прифаќаат предлог-закони од СДСМ да се зголеми минималната плата и во јавниот и во приватниот сектор, иако ние според Евростат заедно со Албанија сме последни според висината на минималната плата, рече Жерновски.
Тој нагласи дека истовремено ВМРО-ДПМНЕ ја задолжи државата со близу 8 милијарди евра, што се нема случено во Македонија во 35 години постоење.
-Година дена е сосема доволно да се види капацитетот на една влада и ние во политиката треба да знаеме дека освен резултатите се оценуваат и однесувањата, истакна Жерновски, додавајќи дека секојдневно има афери со тендери, со непотизам, вработување на цели семејства, милион и пол денари се трошат во еден скопски кафич. 50,000 евра за патување во Јапонија.
Жерновски нагласи дека изненадува тоа што нема корекција на однесувањето, не само што нема демант, туку и има да потврда за тоа колку пари се дадени.
-Така е чувството, како да велат ние ја имаме комплетната власт во државата и ќе правиме што сакаме. Овде се проаѓа затоа што ни се може. Имаме апсолутна власт во собрание, имаме претседател на држава, којшто патем не знае кој е Диџеј Венс или Џеј Ди Венс и не знае дека воопшто не бил таму. Имаме премиер чијшто хајлајт вчера е дека пожарите во Македонија се случуваат затоа што кравите повеќе не пасат или нема доволно крави или не пасат доволно и тоа е капацитетот со којшто ние се соочуваме, истакна членот на ИО на СДСМ Андреј Жерновски, во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.