Европската иднина на Западен Балкан е гаранција за просперитет и мир во регионот, се согласија бугарскиот премиер Росен Жељазков и еврокомесарката Марта Кос, која денеска е во посета на Софија. На средбата беше заклучено дека без интеграција на Западен Балкан не може да се заврши европскиот проект. Жељазков рече дека бугарската позиција е јасна – го поддржуваат европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, водени од принципите на индивидуалниот пристап и постигнатиот напредок. Тој, сепак, нагласи дека посветеноста на реформите мора да биде двострана.
„Ни треба искреност, јасност, предвидливост и дијалог. Интеграцијата на Западен Балкан е одговорност од особено значење за Бугарија. Интеграцијата на овие земји ќе ја направи ЕУ посилна и поотпорна“ нагласи бугарскиот премиер, пренесе БГНЕС. Еврокомесарката Кос исто така потврди дека европската интеграција пред се ќе доведе до стабилност и безбедност во регионот на Западен Балкан. „Вреди да се инвестира во реформи за ЕУ. За да бидеме успешни, потребен ни е став кој ја надминува болката од минатото. За ова ќе биде потребно лидерство, повика Марта Кос и посочи дека пристапот на соседните земји на Бугарија во Европската Унија ќе обезбеди многу придобивки за трговијата, бизнисот и поврзувањето.