Поради голем дефект на 35-киловолтниот далновод на потегот Богданци, Стојаково, Ѓавото, Удово, граѓаните од тој регион веќе втор ден немаат струја. Лани вкупно имало 45.420 прекини во електродистрибутивниот систем, а од нив биле планирани 2.903. Бројот на прекините во часови е зголемен за 4,20 отсто во однос на 2022 година, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Жителите на село Ѓавото, општина Богданци, од завчера од 21 часот немаат струја, а според одговорот што го добиле од кол-центарот на ЕВН, станува збор за голем дефект на 35-киловолтниот далновод на потегот Богданци, Стојаково, Ѓавото, Удово. Без струја се и водните пумпи во селото Ѓавото, кои со вода го полнат Дојранското Езеро. Во кол-центарот немаат информација колку време ќе биде потребно да се санира овој дефект, ама велат дека луѓето се излезени на терен и работат, а жителите треба да имаат разбирање оти станува збор за струја. „Слободен печат“ се обрати за подетални информации од ЕВН, но до затворањето на весникот, не добивме одговор.
– Планираните прекини се правени токму за да се инвестира во мрежата. Во 2023 година, во однос на 2022 година има зголемени планирани прекини, но имаме и одредено зголемување на непланирани прекини, но тоа главно беа за да се зголеми наплатата – потврди Бислимоски. Тој најави дека од 2027 година ќе се применува концепт на квалитет кој подразбира дека ако операторите на електрична енергија и на гас не постигнат соодветни таргети, тогаш ќе им се одземаат пари.
Ваквите податоци на жителите на Ѓавото не им значат ништо, оти најновиот прекин во снабдувањето не е прв. Тие се жалат дека многу често остануваат без струја и при најмал дожд. Тогаш, проблемот е предизвикан од склопка, која поради промена на напонот се затвора од безбедносни причини, па затоа повикуваат екипа на ЕВН, да дојде и да ја „крене“. Маката е кога ваквите дефекти се случуваат во време кога нема екипи на терен, па селаните мора да чекаат со часови додека некој го отклони дефектот.
Граѓаните што се јавија во нашата редакција, се жалат дека од честите дефекти на мрежата најмногу им страдаат апаратите во домаќинствата, а нема кој да им ја надомести штетата. Тие се револтирани и дека ако дефектот трае повеќе денови, им се расипува и храната, па мора да ја фрлат!
Билјана, која има викендичка во село Ѓавото, ни рече дека постојано се соочуваат со прекини на електричната енергија.
– Доволно е да загрми или да заврне и веднаш снемува струја со часови. Напонот на струјата е непостојан. Многу од жителите се соочуваат со проблеми заради прекинот на струја. Им се расипуваат апаратите, а штетите никој не им ги плаќа. Очигледно, дефектите само се санираат, а нема никакви инвестиции и обнова на електричната инфраструктура – додава Билјана.
– Немаме струја од завчера вечерта. Помина ноќта и половина од денот, а дефектот не е отстранет. Фрижидерот ми е полн со храна, сè ќе се расипе. Тоа ќе морам да го фрлам и повторно да купувам! Што ќе правиме со месото што го чуваме во замрзнувачите – вели Мара, мајка на две малолетни деца, која се јави во редакцијата на „Слободен печат“.
– Иде лето! Како ќе издржиме на високите температури без струја. Горештините во овој крај се неподносливи. И нека не гори климата, како ќе стоплиме вода во бојлерот – прашуваат револтираните жители на Ѓавото.
Граѓаните најмногу се жалат на недоставените сметки за струја и на нивната висина
Според Извештајот за работата на РКЕ, во 2023 година се поднесени вкупно 409 приговори од сите три групи потрошувачи, при што 312 приговори (76,3 отсто) се поднесени од домаќинствата, 2 приговори (0,5 отсто) се поднесени од образовни установи и 95 приговори (23,2 отсто) од другите потрошувачи. Во споредба со 2022 година, евидентно е намалување на бројот на вкупно поднесени приговори за 31 отсто.
– Видливо е дека 46 отсто од вкупно поднесените приговори се однесуваат за недоставена фактура, за висина на фактура, начин на пресметка, висина на долг, пресметана камата, тужби, промена на потрошувач, промена на начин на плаќање, плаќање на рати, спогодби и двојно платени сметки како и сл., додека 21,8 отсто од вкупно поднесените приговори се однесуваат на приговори за премер на квадратура, инсталирана/ангажирана моќност, проверка на статус исклучен/вклучен, испуштање вода, промена на дијаграм на ниво на мерно место, премер на доградби, начин на пресметка и распределба на енергија на мерно место, барање за приклучување и исклучување и сл. – пишува во Извештајот на РКЕ.