Голема трагедија се случи доцна синоќа во Скопје, кога на булеварот ,,Партизанска” згасна животот на 22-годишната дизајнерка Фросина Кулакова од Неготино. Ја удрил автомобил управуван од 20-годишно момче, а од здобиените повреди таа веднаш починала. Траорната вест уште во раните утрински часови се прошири во родниот град на девојката. Во шок и неверување, граѓаните прашуваат до кога ќе се гине на улиците во нашите градови и уште колку невини животи треба да згаснат, пред да бидат донесени драстични измени во Законот за сообраќај, и да се воведат ригорозни казни за прекршителите. -Чиста, невина душа пред која беше целиот живот. Таа имаше уште многу да и даде на заедницата, да му даде на светот… Пред само седум месеци ја воодушеви јавноста со нејзините модели на годишната ревија на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ каде студираше. Нашите мисли се со нејзиното семејство, никој, никогаш да не доживее ваква болка, велат сограѓани на младата девојка. Исто така, јавноста се сеќава на неа и кога пред 12 години, како десет-годишно девојченце се појави во видео записот за песната ,,Божиќ за секој од нас” заедно со нејзината сестра Росица и Димитар (кои во 2007 година на Детска Евровизија и го донесоа на Македонија 5-то место со песната ,,Динг, динг, донг”) и со други пејачи од Неготино, и ги освои симпатиите на гледачите.
Повеќе детали за околностите во кои се случила трагедијата се уште не се соопштуваат. Од МВР го потврдија настанот, а пак како што информира Обвинителството, возачот бил задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина. Исто така, јавниот обвинител издал наредби за обезбедување на снимки од видео надзор на локацијата, како и за преземање на сите други дејствија за целосно испитување на настанот. И додека се чекаат официјалните информации, јавноста се сеќава дека на ,,Партизанска” пред три години, на 20-ти јануари, уште едно семејство се зави во црнина, кога 24-годишната Викторија Николова смртно настрада на крстосницата пред Сити Мол. Со возилото ја усмрти 22-годишник, кој возел со недозволена брзина. Беше осуден на три години затвор и три годишна забрана за управување на патничко возило, а по бурните јавни реакции Скопска Апелација му ја зголеми казната на четири години. На ,,Партизанска” исто така во 2015 година згасна животот и на 19-годишната студентка Фросина Цековска, откако беше прегазена од автомобил управуван од 26-годишник под дејство на алкохол и со брзина поголема од ограничената. Тој првин беше осуден на затворска казна од шест години и четири месеци, плус пет месеци затвор бидејќи побегнал од местото на несреќата и не укажал помош, но потоа казната му беше намалена на четири години.
Јавноста се сеќава и на случајот со 20-годишната Верица Белчовска, која на пешачки премин во Струмица ја усмрти 18-годишник со своето возило. Нејзините органи беа донирани и спасија три животи, а возачот кој побегнал од местото на несреќата, а потоа истиот ден се пријавил во полиција, првично беше осуден на 15 месеци затвор. Потоа, Апелациониот суд во Штип му ја зголеми казната на 30 месеци затвор. Највисока изречена казна за сообраќајка со смртни последици, осум години затвор, му беше изречена на велешанецот кој пред две години во алкохолизирана состојба на пешачки премин ја прегази и ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова, нејзината мајка беше повредена, а тој побегна од местото на несреќата. Претходно, двапати имал тешки и сериозни сообраќајни прекршоци поради што му била и одземена возачката дозвола. Тој првично беше осуден на 18 години затвор, но Скопска Апелација му ја намали казната за цели десет години. Најголемиот број на изречени затворски казни за сообраќајки со смртни последици во земјава се во траење од две до пет години. Дали овие казни имаат ефект, прашува јавноста, веќе свикната секојдневно да чита вести за тешки сообраќајни несреќи. Вестите за прегазени пешаци пак, се случува да ги има и по неколку во ист ден, посебно во Скопје. Најчестите причини за несреќите се големата брзина, возење во алкохолизирана состојба, како и ниското ниво на знаење за сообраќајната етика и сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот. На почетокот на годинава министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека веќе се започнало со инсталирање на камери и поставување на столбови, во рамки на проектот Безбеден град, кој се очекува да биде ставен во функција до крајот на декември 2025 година. Кажа дека целта е системот да биде во функција во цела Македонија, за да се зголеми безбедноста, но и да се намалат смртните случаи при сообраќајки.
,,Фокус” побара официјални податоци од МВР околу тоа колку пешаци биле повредени во сообраќајни несреќи во изминатите три години, заклучно до денешен ден, но и колку од нив завршиле со смртни последици. Според одговорот кој го добивме, само во 2024 година во Македонија 853 пешаци учествувале во сообраќајни несреќи, а од нив 214 се здобиле со тешки телесни повреди. Дури 24 пешаци минатата година го изгубиле животот. Сепак, овие податоци не биле официјални, поради исполнување на законскиот рок од 30 дена од последната случена сообраќајна незгода на 31.12.2024 година, после кој податоците ќе бидат официјални. Само на територијата на Скопје пак, според МВР, во 2022 година загинале 12 пешаци, во 2023 година загинале 20 лица, а во 2024 година во главниот град загинале седум пешаци, односно 39 пешаци го изгубиле животот на скопските улици за три години.