Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на крап и црна мрена.
-Во согласност со одлуката на Федерацијата на рибари, на нашето езеро во тек е забрана за риболов и тоа на крап што ќе трае до 30 овој месец, до кога трае и забраната на риболов на црна мрена, што е воведена од 15 минатиот месец, изјавија од Спортското риболовно друштво „Трофта“ (пастрмка). Додаваат дека забраната за вршење на рекреативен риболов во риболовните води е востановена секоја година во овој период, заради непречен природен мрест на овој вид риба.
-Нашата рибочуварска служба постојано е во обиколка на езерото. Наша цел како концесионер е да го заштитиме рибниот фонд на езерото, кое порано беше познато по богатиот и разновиден рибен фонд, којшто за жал во изминатите години беше опустошен, посочуваат од друштвото. Во овој период дозволен е риболов на плашица и на пастрмка. Претходно имаше забрана за риболов на клен од први до 31 мај, како и на бојник од 15 април до 15 мај. Дебарско Езеро без концесионер беше повеќе години, а на доброволна основа за заштита на рибниот фонд се грижеше друштвото „Трофта“ во соработка со дебарското одделение за внатрешни работи, со кое имаат одлична соработка. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во февруари годинава концесијата му ја додели на СРД „Трофта“ и тоа само за рекреативен риболов, за што всушност се залагаше друштвото. Тоа значи дека во период од 12 години забранет е стопански риболов на езерото.