„Јавно се обраќам до сите медиуми и т.н. „медиуми” кои ги објавија или ќе ги објават ваквите клеветења, навреди, хушкања, етикетирања и дезинформации и барам да го повлечат моето име од објавите и да се извинат за намерното предизвикување и ширење омраза и гнев и тоа во време на национална трагедија“ – стои меѓу друготов во објавата на Фејсбук на поранешниот координатор за „Отворен Балкан“ – Марјан Забрчанец. Ова доаѓа откако во одредени медиуми се појавија информации дека тој стои зад протестите кои деновиве се организираат по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе.
Забрчанец побара да се повлечат клеветите и навредите кон него, а доколку не се направи тоа. вели дека ќе реагира согласно Законот за Граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Тој бара извинувањето да биде објавено на ист начин и со еднаква видливост како и клеветите и навредите. „Не сум ниту неформален, ниту формален координатор на протестните движења, не ги познавам координаторите и не сум имал можност да ги инспирирам. Верувам дека младите имаат доволно причини, а и капацитети самостојно да се инспирираат и координираат“ вели Забрчанец. Според него, втората клевета и навреда е дека станува збор за „сојуз на ретоградни елементи од СДСМ и од ДУИ – групации“ „Изречена јавна навреда: Ретрограден значи ‘крајно заостанат, назаден, што назадува и постапно опаѓа, слабее’. Не сум дел од никаков сојуз на елементи од СДСМ и ДУИ, ниту од Левица – не сум член на ниту една партија“ – вели Забрчанец.