Под мотото „Ти и јас во еден глас: Родовата еднаквост – наша заедничка мисија“, денес во Скопје, се одржа завршниот настан на проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, во организација на ХЕРА. На настанот присуствуваа претставници од институции, граѓански организации, активисти и други засегнати страни и партнери на проектот со кои ХЕРА ја споделува својата мисија за општество во кое жените и мажите еднакво придонесуваат за развој и економски напредок. Присутните имаа можност да ги слушнат клучните препораки од изготвените документи за јавни политики за организирани социјални и образовни услуги за жените и другите ранливи групи граѓани, кои ќе го подобрат нивниот статус во општеството и ќе им овозможат поголема активација и интегрирање на пазарот на труд. Подобрен пристап до градинки, подобрени услуги за грижа во домот, достапност на грижа и нега за постарите лица, создавање нови образовни можности за жените во инженерството и технологијата, беа само дел од темите со кои на директен начин се покажа патот до повеќе вработувања, зголемена продуктивност и повеќе социјални и економски придобивки за сите.
Дополнително со промена на ставовите и перцепциите на граѓаните околу наследувањето имот, поделеното татковско отсуство, како и надминување на мислењето за „типичните женски и машки професии“, може да придонесе за позитивни промени кои ќе можат да бидат применливи во пракса и од кои сите добиваме. Поддршката за родовата еднаквост не е само прашање на социјална правда туку вистински мотор и двигател на економијата.
Во воведните обраќања Фатмир Сабриу – Државен секретар во Министерство за социјална политика, демографија и млади истакна дека еднаквиот пристап на жените до работа, ресурси и образование придонесува до поголема продуктивност и иновации. „Како претставник на Министерството за социјална политика, демографија и млади тука сум да ја искажам нашата заложба за креирање на родово инклузивни политики од чие имплементирање зависи и напредокот на едно општество. Затоа што, родовата еднаквост не е само идеал – таа е неопходност.
Живееме во време кога повеќе од кога било се зборува за правда, слобода и човекови права. Но, тие зборови остануваат празни ако не ги вградиме во конкретни, реални политики – и ако тие политики не ги опфатат сите. Зборуваме за родово инклузивни политики – политики што не гледаат само низ машка или женска перспектива, туку низ човечка перспектива.
Родово инклузивните политики значат дека ќе го слушнеме гласот на сите. Дека ќе создадеме систем кој ги препознава различностите и не ги користи како изговор за исклучување, туку како причина за подобра, пофер и поодржлива иднина“, рече Сабриу. Румена Ѓердовска – Којчески, претседателка на ХЕРА рече дека со овој проект е изграден националeн координативен механизам за родова еднаквост создадена е структура која ќе биде во состојба да промовира и да лобира за родово засновани политики и практики кои потполно ќе ги заштитат правата на женитеи девојките. „Само така, преку заедничка работа и разбирање, можеме да создадеме основа за вистинска, долгорочна родова еднаквост – еднаквост што не само што ќе биде препознаена, туку и живеена, застапувана и вградена во срцето на нашите институции и вредности“, рече Ѓердовска – Којчески. Андру Бренд – Раководител на програма во Британска амбасада истакна за да бидат овие политики информирани, ни се потребни и соодветни податоци и разгледување на социјалниот контекст, традициите и наративите во општеството.
„Она што го согледавме е дека економското овластување на жените и девојчињата и отстранувањето на бариерите до економски можности се клучни чекори за тие да го остварат својот целосен потенцијал. Ова ќе биде од корист и за нив, и за општеството во целина. Но, податоците и истражувањата покажуваат дека ова е сложено прашање кое бара ангажман и посветеност од многу чинители и на повеќе нивоа. Ќе бидат потребни подобрувања во социјалната грижа и државната поддршка за детски градинки, грижа за стари лица, во трудовото законодавство и во традиционалното разбирање за поделбата на работни места на „машки“ и „женски“ работи. Ќе биде неопходна и поширока дискусија за општествените норми и традиции. Токму затоа сме овде денес – да разговараме за предизвиците и за тоа како можеме да ги подобриме политиките, практиките и податоците за жените во општетсвото“, рече Бренд. Завршниот настан се организира во рамки на Проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, кој го спроведува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Британска амбасада Скопје. Со почит, Тимот на ХЕРА