Филмот „Беше само несреќа“ (It Was Just an Accident) од иранскиот режисер Џафар Панахи ја освои Златната палма, главната награда на Канскиот филмски фестивал, во саботата. Овој трилер ја раскажува приказната за пет дисиденти кои дебатираат дали да го убијат човекот што ги мачел. Гореспоменатиот режисер беше осуден на шест години затвор во 2010 година затоа што го критикуваше иранскиот режим во своите филмови и учествуваше во протести. Исто така, му е забрането да снима филмови, да пишува сценарија, да дава интервјуа, да оди на аџилак и да ја напушта земјата во период од 20 години, освен од медицински причини. Секако, „It Was Just an Accident“ бил снимен без дозвола од владата.
Панахи, кој неколку пати беше апсен поради својата режисерска работа, последен пат лично присуствуваше на фестивалот во 2003 година, кога неговиот филм „Crimson Gold“ беше прикажан во категоријата „Un Certain Regard“.

„Уметноста ја мобилизира креативната енергија на најскапоцениот, најживиот дел од нас. Тоа е моќта што ја трансформира темнината во прошка, надеж и нов живот“, рече претседателката на жирито Жулиет Бинош при објавувањето на наградата. „Беше само несреќа“ го следи ликот на Вахид, игран од Вахид Мобасери, кој киднапира човек со вештачка нога, кој изгледа точно како оној што го мачел во затвор и му го уништил животот. Вахид и другите преживеани затвореници се обидуваат да утврдат дали ова е навистина нивниот мачител и што да прават со него. Гран при, втората највисока награда по Златната палма, му беше доделена на филмот „Сентиментална вредност“ на реномираниот режисер Јоаким Трир. На 78-от Кански филмски фестивал се натпреваруваа 22 филма, меѓу кои и филмови од познати режисери како Ричард Линклејтер, Вес Андерсон и браќата Дарден. Ова е целосната листа на победници:
Златна палма – „Беше само несреќа“
Гран При – „Сентиментална вредност“
Награда од жирито – „Сират“ и „Звук на паѓање“
Најдобра актерка – Надија Мелити („Малата сестра“)
Најдобар актер – Вагнер Моура („Тајниот агент“)
Најдобро сценарио – Жан-Пјер Дарден и Лук Дарден („Домот на младата мајка“)
Златна камера – Хасан Хади („Тортата на претседателот“)
Специјална награда – Би Ган („Воскресение“)
Златна палма за краток филм – „Мило ми е што сега си мртов“ – Тавфик Бархом
Специјално споменување за краток филм – „Али“ – Аднан Ал Раџив
Награда „Златно око“ во категоријата за документарни филмови: „Човекот од шест милијарди долари“ Квир палма – Хафсија Херци „La Petite Dernière“