Во Ердоган гледам голем поддржувач. Неговото минато и минатото на Турција се врзува со мојата татковина Македонија. Тој е секогаш добредојден во Скопје, Охрид, на кое било место кај нас и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро, рече премиерот на заедничката прес-конференција со турскиот претседател, додека Ердоган истакна дека односите меѓу земјите се цврсти како Камениот мост во Скопје и дека тие треба да ја удвојат ланската трговска размена од милијарда долари. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потпишаа декларација за формирање Совет за соработка на највисоко ниво, потег што треба да ја институционализира билетаралната соработка и да донесе придобивки за двете земји. Мицкоски на заедничката прес-конференција со Ердоган истакна дека заложбата е да се зголемат инвестициите од, како што вели, еден од нашите најголеми партнери и поддржувачи, Турција, со кој имаме клучно стратешко партнерство.
Премиерот потоа се осврна на потпишаната декларација.
– Денес јас и претседателот на Турција потпишавме заедничка политичка декларација за формирање Совет за соработка на највисоко ниво, кој во самиот документ носи наслов Совет. Основите на ова се содржани во самиот темелен документ „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција“ потпишан уште во 2008 година. Советот ќе гради стратегија за соработка во енергетиката, трговијата, транспортот, шумарството, младите, спортот, образованието, здравјето, животната средина и во дигиталната трансформација како и во односите меѓу двата наорди. Ваквата стратегија ќе претставува основа за градење соработка. Ние сме посветени на македонско-турското пријателство на економски, политички и на културен план. Морам да ги потврдам добрите односи меѓу двата народа. Турската заедница во Македонија е лојален дел од макеоднското општество исто како што македонската заедница е значаен дел од турската држава. Во Ердоган гледам голем поддржувач. Неговото минато и минатото на Турција се врзува со мојата татковина Македонија. Тој е секогаш добредојден во Скопје, Охрид, на кое било место кај нас и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро.