Зајакнувањето на регионалната соработка на Западен Балкан е клучно за стабилноста и напредокот кон Европската Унија. Но, денешната реалност открива една поинаква слика – европската перспектива е сè понејасна, а националистичките политики сè погласни. Последиците се веќе видливи во влошените односи меѓу соседите и растечките безбедносни ризици. Проблемите не се нови, но неподготвеноста или свесното одложување за нивно решавање носи потенцијал за дестабилизација на целиот регион. Некои аналитичари предупредуваат на можен „домино ефект“, каде падот на една држава би предизвикал низа тензии низ целиот Балкан. Особена загриженост предизвикуваат политичките тензии во Босна и Херцеговина, вклучувајќи и обидите за поткопување на уставниот поредок.
„Сè уште е нерешено прашањето на односите меѓу Косово и Србија. Авторитарните тенденции веќе не се само тенденции – тие се реалност. Во Србија, концептот на ‘српски свет’ добива стратешки димензии“, оценува Центарот за политички студии во Сараево. И поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, кој деновиве престојува во Сараево, изрази сериозна загриженост за новите геополитички тензии што, според него, негативно се одразуваат на целиот регион. Според него, состојбата денес е полоша отколку пред една деценија, што дополнително се влошува поради застојот на евроинтеграциите.
„Европската перспектива на сите земји од регионот е заматена. Одговорноста е двострана – ЕУ не покажа доволно одлучност да го продолжи проектот за европско обединување, а земјите од регионот ги запоставија клучните реформи. Со влошените геополитички односи и дефицитот на внимание кон Западен Балкан, станува сè потешко да се надминат наследените проблеми“, рече Ѓукановиќ. Тој додава дека токму овој институционален ќорсокак ѝ дал ветер во грб на националистичката реторика, која дополнително ги нарушила односите меѓу соседите – вклучително и односите на Црна Гора со Босна и Херцеговина и со Хрватска.
„Можеме многу да зборуваме и многу лекции да извлечеме од искуствата на Црна Гора и БиХ. На крајот на краиштата, можеме и да си помогнеме – верувале или не, тоа и денес е можно на Западен Балкан. Црна Гора е единствената соседна држава со која Босна и Херцеговина нема ниту еден нерешен билатерален проблем. Имаме дефинирана граница и секојдневна, конструктивна комуникација“, изјави Жељко Комшиќ, член на Претседателството на БиХ . Во контекст на сè поголемите предизвици, соговорниците за N1. се согласуваат дека зајакнувањето на регионалната соработка е единствениот вистински пат за стабилизација и приближување кон ЕУ.
„Постојат неколку регионални иницијативи – Отворен Балкан згасна, додека Берлинскиот процес сè уште опстојува. Но, секоја од овие иницијативи мора да се гледа низ призмата на европската интеграција. ЕУ очекува земјите од Западен Балкан да ги решат отворените прашања. Добрата регионална соработка не е само пожелна – таа е предуслов за членство. Тоа е политичка и историска неопходност“, нагласува Елмир Садиковиќ, професор на Факултетот за политички науки. Сепак, дел од јавноста изразува загриженост по одлуката на новата германска влада да ја укине функцијата специјален претставник за Западен Балкан – позиција што беше воведена во 2022 година токму за да се засили присуството и ангажманот на ЕУ во регионот. Тоа ја отвора дилемата: дали Западен Балкан повторно паѓа во сенка на европските приоритети? И ако е така – какви ќе бидат последиците?