Во пожар рано утринава изгореа три автомобили паркирани пред зграда на улицата Леринска во Битола. Огнот прво избувнал во автомобил марка „тојота“, а потоа зафатил уште две возила паркирани до него. Според неофицијални информации, едниот опожарен автомобил е сопственост на бизнисменот и поранешен кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ, Христо Кондовски. Според портпаролот на СВР Битола – Сања Стаматова, трите опожарени возила се водат на приватни фирми.
– Пожарот избувнал на паркинг на улица Леринска каде од страна на непознат сторител била фрлена запалива течност при што опожарени биле три возила `тојота рав` хибрид со битолски ознаки сопственост на приватна фирма, корисник била С.К. Другото опожарено возило е ‘пасат’ со тетовски регистерски ознаки сопственост на приватна фирма и третото зафатено со оган возило е `дачија` со скопски ознаки исто така сопственост на приватна фирма. Извршен е увид на местото на настанот се преземаат мерки да се расчисти случајот – изјави Стаматова.