Општините Тетово, Бутел, Струмица, Струга и Карпош се засегнати од замрзнувањето на средствата за финансирање на програмите на Американската агенција за меѓународна помош (УСАИД) по одлуката на претседателот Донал Трамп. Американскиот Стејт Департмент на 24 јануари одлучи да ја замрзне распределбата на средствата за речиси целата американска помош во странство, со што суспендираше бројни проекти кои помогнаа на глобално ниво во сегментите на здравство, образование, развој, обука за работа и во други области. Во Општина Тетово запре реконструкцијата на две улици, во моментов единствениот проект финансиран од УСАИД, ни изјавија од Општината.„Во Општина Тетово во моментов има само еден проект, што се реализира преку невладината Ромалитико и истиот е во постапка на чекање. Во проектот е предвидена реконструкција на дел од улиците Пролетерска и Прохор Пчински. Од вкупната сума 4.196.603 денaри (околу 68.000 евра) за проектот за улицата Пролетерска, УСАИД требаше да финансира 30 отсто. Од вкупната сума 4.620.998 денари (околу 75.000 евра) за проектот за улицата Прохор Пчински УСАИД требашe да финансира 40 отсто“, велат од Општина Тетово. Од скопската Општина Бутел не добивме одговор дали и како ќе го премости замрзнувањето на странската помош од САД од 800.000 долари, клучна за изградбата на нова водоводна мрежа за Љубанци и Љуботен.
Според објавата од 27 ноември 2024 на сајтот на Општината: „Првата фаза од овој историски проект ќе биде финансирана од страна на амбасадата на САД, во вредност од 800.000 долари. Останатите две фази од проектот ќе бидат финансирани од страна на Владата и Општина Бутел. Проектната документација беше изработена од Општина Бутел во вредност од 5 милиони денари (околу 83.000 долари – н.з.). Во Општина Струмица се закочени два проекта финансирани од УСАИД. „Во рамките на Одделението за Локален економски развој постои само еден проект преку УСАИД кој е стопиран и тоа ‘Мултифункционален повеќенаменски центар за развој на заедницата во рамките на Општина Струмица и микрорегионот’. Учеството од страна на УСАИД треба да биде 562.000 денари (над 9.000 евра). Во рамките на основните и средните општински училишта прекинат е проект во кој учествуваа двајца професори по англиски јазик во СОУ ‘Јане Сандански’, носител на проектот не е училиштето, туку друга организација, а професорите беа само учесници во обуката“, велат од Општина Струмица. Во Општина Струга единствен тековен проект поддржан од УСАИД е кампањата „Општина на дланка“, иницијатива за зголемување на транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа преку подобрена употреба на општинските веб-страници. Проектот е стопиран и во Општината велат дека немааат насоки како да продолжат понатаму. План како да го премостат финансирањето на овие проекти од УСАИД немаат ни другите засегнати општински власти.