Дваесет и осум објекти кои работеле без лиценца или без да ги исполнат минималните технички услови добија клуч на врата, а 12 угостители добиле шанса да ги отстранат нерегуларностите. При контролите кои стартуваа ден по несреќата во Кочани, па се до вчера, инспекторите извршиле близу 300 надзори и напишале 360 казни од кои државата наплатила речиси 3 и пол милиони денари.
– Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови. Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денес веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме, кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци – вели Марија Митева, портпаролка на Владата.