Во земјава 99,7 отсто од отпадот се депонира на депонии. Од 60 депонии, кои се управувани од општински комунални претпријатија ниту една не е во согласност со европските стандарди, освен скопската „Дрисла“, која донекаде исполнува дел од условите. Покрај овие депонии, низ целата земја регистрирани се и околу 1.200 диви депонии и ѓубришта, на кои се претпоставува дека во 2023 година завршил околку 30 отсто од вкупниот отпад создаден во земјата. Итната изградба и ставањето во употреба на долгоочекуваните регионални системи за управување со отпад, кои се единствено одржливо и долгорочно решение за проблемот со отпадот со кој се соочува земјата, како и затворањето на постоечките нестандардни депонии и ѓубришта, се најважните чекори кои треба да ги преземат институциите и единиците на локалната самоуправа во насока на имплементорање на систем кој ќе работи според европските и светските стандарди за управување со отпад. На денешната партнерска конференција за одржливо управување со отпад „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“, во организација на Салар Интернационал, шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Штефен Худолин истакна дека земјава добива многу голема поддршка од повеќе партнери на патот на креирање одржлив систем, но и дека е крајно време да се започне со имплементација на зацртаното.
„Сакаме акција, помошта е голема, но се очекува и посветеност и заложби и од институциите. Постојат предизвици на терен, за кои се потребни брзи решенија. Македонија веќе изгуби стотици милиони средства од ИПА заради неимплементација. Ова се проекти за кои треба национална визија, не за еден мандат на градоначалник или пак за предизборни ветувања“, рече Худолин. Амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, истакна дека начинот на кој во моментов се управува со отпадот во земјава е голем ризик за животната средина, влијае на еко системите и на безбедноста на храната. Таа истакна дека општините се предводници на процесот на креирање на регионалните системи за управување со отпад, но и дека тоа бара координирана акција на сите чинители, вклучително и јавноста, од која мора да се добие поддршка. Градоначалникот на Новаци, Стевчо Стефановски, општина во која треба да се гради една од регионалните депонии, истакна дека проблемот со отпадот е огромен и се одолговлекува многу долго време, најмногу заради скептицизмот и отпорот кај јавноста. „Во Новаци и во моментот имаме проблем, бидејќи отпадот од неколку општини веќе се одлага во Мегленци, разликата е во тоа што сега не знаеме ниту што завршува таму, ниту како се третира, додека регионалната депонија што треба да се реализира ќе обезбеди третирање на отпадот според европските стандарди“, рече Стефановски. Тој смета дека за протестите на граѓаните против депонијата главна причина е што не се соодветно информирани за тоа како ќе изгледа и како ќе функционира и најави кампањи преку кои луѓето ќе разберат дека од ова решение ќе има само бенефит. На конференцијата беа споделени истражувања направени за Пелагонскиот и Југозападниот регион според кои во овие два региони отпадот се собира од 82 отсто од населението, а 40 отсто од жителите на руралните делови немаат пристап до услугите за собирање ѓубре. Само 32 отсто од жителите на регионите имаат достапност до пунктови за рециклирање, а половината од кабастиот отпад и речиси 80 отсто од градежниот отпад не се одлага на соодветен начин и на соодветно место. Извор: Новинска агенција МЕТА