Ревизорскиот извештај за Дигитализација на матичните книги покажува дека сè уште не е завршена дигитализацијата на матичните книги и покрај тоа што започнала пред повеќе од една деценија и во неа се вложени над 520 милиони денари. Скенирани се 52 проценти од записите во матичните книги, а внесени во електронскиот матичен регистар се 49 проценти од записите. Ваквиот степен на реализација, како што соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР), не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности. Со ревизијата утврдено е дека Управата нема обезбедено соодветни услови за сместување на матичните книги и чување на архивскиот материјал од трајна вредност и на документарниот материјал за истиот да не се оштети, исчезне или уништи. Констататирано е дека Управата сè уште нема спроведено попис на матичните книги по матични подрачја. Дел од книгите се оштетени, а дел од архивската граѓа од трајна вредност веќе не може да се користи за потврдување на запишаните податоци. Отсуството на упатство за евиденција, чување и спроведување на попис во Управата, не овозможува централизирана евиденција на матични книги и нивна локација, што го зголемува ризикот од нивно оштетување или губење.
– Неусогласеноста на законската и под законската регулатива донесена во 2016 година во делот на обрасците, доведува до издавање на изводи на родени со нецелосни податоци и на не унифицирани обрасци за сите граѓани. Исто така, ревизијата констатира недостаток на искусни и квалификувани ИТ човечки ресурси во Управата, што го зголемува ризикот по безбедноста на нејзиниот информациски систем. Ненавремено и недокументирано управување со корисниците и корисничките привилегии создава можности за неовластен пристап до лични податоци на граѓаните и коруптивни дејствија – предупредува ДЗР. Ревизорите констатирале дека во Управата недостасува повеќе од 55 искусни и квалификувани човечки ресурси, а намалениот степен на супервизија и контрола на чувствителните работни места, стои во извештајот, дополнително го зголемуваат ризикот од грешки во работењето.
– Отсуствува следење и анализа на логовите од пристапите во системот, како и надзор врз спроведување на политиките и процедурите за пристап во просториите на Управата. Оваа доведува до можност матичарите да пристапуваат во просториите на Управата и електронскиот матичен регистар вон утврденото работно време, за време на викенди и празници.Имено, утврдено е дека дел од вработените вршат внесувања и измени во електронскиот матичен регистар пред 6:30 часот и по 22 часот, без соодветен надзор. Исто така, во повеќе месни канцеларии се печатат и издаваат изводи од матичните книги и за време на викенди и празници – се наведува во соопштението од ДЗР. Како што појаснуваат, дигитализацијата на матичната евиденција преку електронските изводи значително ја олеснува пристапноста до административните услуги, овозможувајќи издавање документи преку порталот на Управата. За ова, граѓаните мора да бидат регистрирани на Националниот портал за е-услуги или на порталот на Управата. Анализата на податоците покажува дека 92 проценти од електронските изводи се издаваат во Скопје, додека во поголемите градови како Прилеп, Битола, Охрид и Тетово бројот на издадените изводи е значително помал. Во помалите и рурални средини, како Гевгелија, Делчево и Пехчево, употребата на електронските услуги е речиси занемарлива. Ова, посочува ДЗР, укажува на потребата од засилена поддршка и развој на дигиталните сервиси, со цел обезбедување еднаков пристап за сите граѓани. Од друга страна, покажала ревизијата, во Управата се доделени 61 сертификат за електронски потпис, кои се распределени меѓу матичарите од сите одделенија и подрачни канцеларии. Со анализа на податоците ревизорите констатирале дека речиси целокупниот број на електронски изводи се потпишува од само три лица од подрачното одделение Скопје, додека 13 матичари воопшто не користеле електронски потпис.
– Во подрачното одделение Скопје, каде е и најголем бројот на издадени изводи, не се користи системот „земи бројче“, граѓаните чекаат во редици за поднесување на барања и подигнување на готови документи со што се овозможува настанување на ризик од коруптивно однесување од граѓаните и од вработените на Управата. За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки со цел надлежните институции да преземат мерки и активности за обезбедување поефикасни, поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните, преку целосна и функционална дигитализација на матичните книги и поврзаните процеси, со што ќе се придонесе кон современа и одржлива јавна администрација, насочена кон потребите на граѓаните – информира Државниот завод за ревизија (ДЗР).