Поради зголемениот интерес, но и поради брзиот увоз, дистрибутерите ја зголемиле цената на ПП-опремата од 5 до 7 отсто! Законот пропишува дека на секои 50 квадрати треба да поседувате по една боца со тежина од 9 килограми, што значи дека дискотеките и ноќните клубови би требало да поседуваат најмалку 3 до 4 вакви апарати, но и повеќе. Рокот на траење на еден ПП-апарат е 20 години, а по неговиот истек тој е максимално небезбеден за употреба и е потребно веднаш да се замени со нов. Многукратно е зголемена продажбата и сервисирањето на ПП-апаратите, потврдуваат за „Слободен печат“ дел од фирмите што со години се занимаваат со овој бизнис. Дел од нив додаваат дека оваа недела продале противпожарна опрема како за цела година. Но, откриваат и дека поради зголемениот интерес за неа, но и поради брзиот увоз, дистрибутерите ја зголемиле цената од 5 до 7 отсто! Законот пропишува дека на секои 50 квадрати треба да поседувате по една боца со тежина од 9 килограми, што значи дека дискотеките и ноќните клубови би требало да поседуваат најмалку три до четири вакви апарати, но и повеќе. Бизнисмените што се занимаваат со противпожарната заштита тврдат дека сите ПП-апарати од увоз се со ЦЕ-ознака и се сертифицирани од Хамбург институтот, но дека има и неодговорни компании што увезуваат нестандардизирана опрема, каков што беше случајот од пред неколку години, кога на пазарот се појави вакви кинески апарати.
Искусни лица од оваа бранша со горчина, констатираат дека требаше да се случи една ваква трагедија како пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за фирмите да се свестат и да се сетат дека задолжително треба да поседуваат ваква опрема. – Не само што е драстично зголемена продажбата на вакви апарати, туку и сервисниот интервал е зголемен. Законски апаратите треба да се сервисираат на 6 или на 12 месеци, но тоа зависи од сопствениците на компаниите. Еден ваков апарат чини од 2.800 до 5.000 денари, но има и некои поевтини. Еден ПП-апарат треба да се постави на 50 квадрати – брифираат од една позната скопска фирма која се занимава со продажба и сервисирање на ПП-апарати. И од една друга компанија од внатрешноста дознавме дека не можат да постигнат да ги снабдат со ПП-апарати сите заинтересирани. – Продажбата е многукратно зголемена, а неделава продадовме опрема како за целата година. Ниту една компанија од нашата бранша во моментов не поседуваше на залиха толку апарати колку што се бараа, па правиме списоци и како ги добиваме, така им ги испорачуваме. Но, за жал, добивме известување од добавувачите дека цените се покачени, не многу, од 5 до 7 отсто, но најверојатно е така поради интервентниот увоз – додаваат од оваа компанија.
Противпожарниот апарат е превентивно средство за лична безбедност, не само за заштита на домовите, туку и за деловните простории и автомобилите, велат експертите. – Поседувањето ваква опрема може да послужи барем како средство за почетното гаснење на пожарот за да се спречи неговото натамошно ширење, но и за трасирање пат кон најблискиот излез за евакуација од просторијата што е зафатена со пожар. Рокот на траење на еден ваков апарат е 20 години, а по неговиот истек тој е максимално небезбеден за употреба и е потребно веднаш да се замени со нов. Потребата од противпожарна опрема во деловни простории, индустрии и слично е задолжителна и пропишана со Законот за пожарникарство. Во последниве години во земјава масовно се гради, па затоа инвеститорите треба да ги запазат сите процедури за ПП-заштита. Посебно треба да се истакне и потребата од поставување надворешни противпожарни скали за евакуација во новите згради, но и посебни противпожарни излези во угостителските објекти – советуваат вклучените во бизнисот со ПП-заштита. Градоначалникот на Кочани законски можел да ги повика граѓаните да помогнат при гаснењето на пожарот Членот 44 од Законот за пожарникарство пропишува дека уредите, опремата, средствата и инсталациите што се увезуваат, можат да се користат само ако за нив е обезбеден сертификат во согласност со прописите за стандардизација, акредитација и оцена на сообразност. Одржувањето, сервисирањето и испитувањето на инсталациите, правните лица се должни да го вршат во согласност со техничките нормативи, стандарди и упатства на производителот, а најмалку еднаш годишно. Правните субјекти во кои се врши одржување, сервисирање и испитување на инсталациите, се должни да водат посебна евиденција за извршеното одржување, сервисирање односно испитување на инсталациите. Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон го врши Дирекцијата за заштита и спасување, а инспекцискиот надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон го вршат инспектори за заштита и спасување.
Меѓу другото, според овој Закон, градоначалникот на општината на чие подрачје настанал пожар од поголем обем, во согласност со Планот за заштита и спасување, може преку јавен повик да ги повика граѓаните постари од 18 години да учествуваат во акцијата за гаснење пожар.
Барање на ЛДП: Строги контроли не само во локалите, туку и во детските градинки, училиштата и други големи објекти Партијата ЛДП бара зголемување на степенот на безбедност во повеќе места. Строга и итна контрола во детските градинки, основни и средни училишта, но и факултети дали и тие ги почитуваат стандардите за безбедност, како и во колективните станбени и во сите други објекти, каде што вообичаено има голема концентрација и фреквенција на луѓе. – Секој од овие објекти мора да има задолжителна опрема за противпожарна/хидрантна заштита, оспособени и јасно означени повеќе излези за итни ситуации, контрола на капацитетите за прием на луѓе во една просторија, како и редовни обуки на вработените, скалите и ходниците за евакуација мора да бидат чисти и слободни, а секој објект да мора да има на јавно и видливо место истакнат План за евакуација и да се утврди дали се почитуваат стандардите за безбедност воопшто. Најголем дел од младината во Македонија посетува настава во стари, дотраени и често оштетени објекти, кои дури и при најмалата незгода може лесно да се претворат во стапици за сите што во моментот ќе се најдат во нив – се вели во соопштението на ЛДП. Акциска контрола во Тетово и Гостивар Проверени 16 угостителски објекти – два затворени Завчера од 10 до 15 часот, полициски службеници од СВР Тетово и ОВР Гостивар во содејство со претставници од Управата за финансиска полиција, Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, извршија акциска контрола и презедоа координирани мерки и активности насочени кон сузбивање недозволени криминални активности што се вршат во угостителски објекти на подрачјето на Тетово и Гостивар, со приоритетна цел на сузбивање недозволена трговија со дрога, посредување во вршење проституција, перење пари, коруптивни кривични дела од страна на службени лица вработени во државни институции поврзани со незаконско работење на субјекти што вршат угостителска дејност и други нелегални активности. Извршени се контроли во 16 угостителски објекти (ТЕ-10 и ГВ-6) кај кои биле констатирани низа неправилности и ДПИ и ДЗС ќе им изготват соодветни поднесоци, додека ДПИ затворило два угостителски објекти во Тетово, објави ТВ21.