Студентски собир, студентски пленум и граѓански марш – во наредните два дена во Скопје се закажани три собири во врска со трагедијата во импровизираната кочанска дискотека „Пулс“ во која животот го загубија 59 лица. За утре и за в понеделник во главниот град се закажани вкупно три собири од три различни иницијативи, а во врска со трагедијата во импровизираната кочанска дискотека „Пулс“ во која животот го загубија 59 лица. Собир за утре закажа иницијативата „Студентски пленум“ која се појави неодамна. Собирот ќе се одржи во 16:30 часот во Градскиот парк, додека за во 16:59 е најавен е 60-минутен молк за жртвите. „Се повикуваат сите граѓани на мирен собир на кој заедно ќе оддадеме почит кон жртвите од пожарот во Кочани“, се вели во најавата на собирот на „Студентски пленум“.
View this post on Instagram
За в понеделник, пак, закажани се два собира – еден од страна на „Независен студентски сојуз УКИМ“ и еден од иницијативата „Кој е следен?“. Независниот студентски сојуз на УКИМ, кој себеси се претставува како „единствена независна организација на студентите на УКИМ“ повика на пленум на платото на УКИМ во понеделник во 13 часот.
„Во име на студентската автономија, НСС УКИМ ги повикува сите студенти на пленум во понеделник во 13 часот на платото на УКИМ. Ова се наши факултети, наше право е да одлучуваме“, се вели во повикот.
View this post on Instagram
Граѓанското движење „Кој е следен?“, пак, ќе одржи марш за солидарност кој ќе почне во понеделник во 18:59 часот на Плоштад „Македонија“. „Доста бевме ние, системот е следен“, стои во најавата на маршот. Движењето денеска ги објави своите барања кои ќе бидат упатени од маршот. Од „Кој е следен?“ бараат транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот „Пулс“ од неговото отворање до несреќата, од страна на неколку институции. Понатаму, бараат дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот. „Кој е следен?“ бара и соодветна одговорност за сите поврзани со изгорената модуларна болница во Тетово, случајот поврзан со Онкологија, случајот со Дурмо Турс и случајот со Беса Транс. „Комората на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не само за дерегулација и финансиска помош од државата“, стои во барањата на движењето. Извор: Новинска агенција МЕТА
View this post on Instagram