Од ЦУК информираат дека се преземаат превентивни и координативни мерки по информациите кои ги добиле од УХМР за зголемен водостој на локални реки и најголемата река во земјава, Вардар. Поради зголемен водостој на реката Вардар во горниот дел од текот, на сливовите со одредени притоки, можни се излевања во Полошката Котлина, во Тетовско-Гостиварскиот регион и на други критични места на реката. Во таа насока, како што ќе се зголемува нивото на реката, ќе се очекува и висок водостој на реката Вардар во Скопје и низводно во Велешкиот регион.
„ЦУК преку Секторот за операции и координација презема превентивни и координативни мерки утрово со зголемување на готовноста за информирање и дејствување со субјектите за управување со кризи при можни елементарни локални непогоди во Скопско, Велешко, Кумановско, а и други региони што се реализира и преку другите регионални центари за управување со кризи во државата“,велат од ЦУК.
ЦУК информира дека е добиено предупредување од Водостопанство за мостот во село Пчиња, којшто имал слаба конструкција, а зголеменото ниво вода од Крива Река ќе дојде до река Пчиња за околу два часа и ќе има зголемен притисок на мостот. Од Секторот за операции и координација на ЦУК се запознаени Локална самоуправа, ДЗС и МВР, за да се дејствува превентивно за запазување на безбедноста на граѓаните.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) презема превентивни и координативни мерки утрово по информацијата од УХМР за зголемен водостој на локални реки и реката Вардар.