Во рамките на Полското претседателство со Европската Унија, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, учествува на Конференција на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ – КОСАК, што се одржува во Варшава, Полска. Конференцијата беше отворена со поздравнo обраќањe на Маљгоржата Кидава-Блонска, маршалка на Сенатот на Република Полска, коjа осврнувајќи се на полските приоритети, истакна дека Полска го презеде претседавањето во првата половина на 2025 година, во период на големи предизвици за земјите членки и за Европската Унија во целина. Имено, во рамките на првата сесија насловена како Приоритети на полското претседателство со Советот на Европската Унија, се обрати Агњешка Помаска, претседателка на Комисијата за прашања на Европската Унија на Сејмот на Република Полска, потоа Томаш Грозки, претседател на Комисијата за прашања на Европската Унија на Сенатот на Република Полска, како и Адам Шлапка, министер за прашања на Европската Унија на Република Полска. Главно пред пратениците се презентираа приоритетите на Полското претседателство со цел поддршка на активностите за зајакнување на европската безбедност, во следните димензии – воспоставување силна поддршка за одбранбените капацитети и зајакнување на одбранбената подготвеност, обезбедување на надворешните граници на ЕУ, зајакнување на способностите на Унијата за борба против дезинформации, враќање на фер и конкурентен единствен пазар без бирократски оптоварувања, промовирање акции за енергетска самодоволност, обликување заедничка земјоделска политика со намера да се поддржат земјоделците и да се развијат руралните области, и конечно, последниот фокус е на дигиталната трансформација на здравствената заштита, истовремено промовирајќи ја диверзификацијата на синџирите за снабдување со лекови и обезбедувајќи поддршка за нивното производство во ЕУ.
Во врска со проширувањето, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски имаше свое излагање во кое го потенцираше значењето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност во Регионот. Притоа, тој истакна дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во Регинот. Здравковски истакна дека по Унгарското преседавање во рамките на кое Унгарија се обиде „да ја направи Европа одново голема“, Полска за време на своето претседателство се фокусира главно на тоа Европа да биде побезбедна. Имено, токму под мотото „Безбедност, Европа!“, Полска за време на своето шестмесечно претседавање ќе се посвети на седум димензии на концептот за поголема безбедност на Европската Унија, и тоа: зајакнување на надворешната, внатрешната, кибер, економската, енергетската, прехранбената и здравствена безбедност на ЕУ и нејзините граѓани. Во својот настап, Здравковски посочи дека Полска го презеде претседателството на Советот на Европската Унија во исклучително важни времиња за земјите членки на ЕУ, но и за Република Северна Македонија. Осврнувајќи се на процесот на проширувањето на Европската Унија, Здравковски, информираше за значајните чекори што ги презема Република Северна Македонија во изминатиот период, со цел продолжување на европскиот пат. Понатаму, тој потенцираше дека како земја сме целосно посветени на спроведување на нашиот стратешки приоритет, членството во ЕУ. Здравковски истакна дека во државата постои консензусот за членството во ЕУ, но Унијата во голема мера кон Македонија се однесува нерационално, а дел од барањата не се поврзани со Копенхашките критериуми и не се дел од стандардите на земјите членки на ЕУ. Во суштина тој се осврна на билатералните спорови и истакна дека таквиот модел го попречува процесот на проширување и ја поткопува мотивацијата за спроведување на реформите. Исто така, Здравковски укажа и на потребата од поголема предвидливост и можност за носење одлуки со квалификувано мнозинство во самата Унија за да се зачува кредибилитетот на ЕУ и нејзините демократски вредности.
За време на конференцијата, Здравковски оствари повеќе средби со своите колеги од Парламентите на земјите кои се членки на Унијата, а се сретна и со колегите од Регионот. КОСАК (COSAC) е кратенка за Конференцијата на парламентарните комисии за европски прашања на националните парламенти на државите членки на Европската Унија и претставува важна рамка за соработка на националните парламенти во однос на ЕУ прашањата. Со стекнувањето на кандидатски статус на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија има право да учествува во работата на КОСАК, како набљудувач, заедно со другите земји-кандидати. КОСАК ги обединува комисиите за европски прашања на националните парламенти, како и членовите на Европскиот парламент. КОСАК е основана на 16 ноември 1989 година во Париз, на Конференцијата на претседателите на парламентите на земјите членки на Европската Унија. Комисијата на земјата која претседава со Министерскиот совет на ЕУ претседава и со КОСАК за време на нејзиното претседавање со Унијата.