„Руската Федерација добива машини од одредени земји, а потоа ги користи за производство на оружје“, рече вчера украинскиот претседател на брифинг со новинарите што до денеска беше под ембарго.
Според него, петнаесет такви компании се од Тајван, тринаесет се германски, осум се чешки, шест се јужнокорејски, три се јапонски и три се индиски.„И една компанија од САД испорачува мал број делови за машините“, додаде тој, велејќи дека ги имал и имињата на сите тие компании.
„Ги споделивме сите овие информации со нашите партнери – Европската унија и САД. Повикуваме тие компании да бидат санкционирани“, продолжи Зеленски.Според податоците со кои располага украинскиот претседател, споменатите компании можат да ги исклучат ваквите машини, имајќи предвид дека тие „работат со помош на далечински електронски системи“.„Тие компании можат да ги исклучат, па машините повеќе нема да работат. Тоа би го забавило процесот. Да речеме дека би било како да се разоружа Русија без оружје“, рече тој.Зеленски рече дека Киев испратил информации за постоењето и работењето на такви компании во 26 земји.