Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша својот состанок со американскиот претседател Доналд Трамп како долг и суштински, објаснувајќи дека разговарале за тоа како да се постигне прекин на огнот и вистински мир. Зеленски го искористи 50-минутниот состанок, одржан на маргините на самитот на НАТО во Хаг, за да лобира кај Трамп за инвестиции во украинските одбранбени капацитети против Русија.
„Имав долг и суштински состанок со претседателот Трамп. Ги опфативме сите навистина важни прашања. Му благодарам на господинот претседател, им благодарам на Соединетите Американски Држави. Разговаравме како да постигнеме прекин на огнот и вистински мир. Разговаравме како да го заштитиме нашиот народ“, стои во објавата на Зеленски на социјалната мрежа Икс.