„Секој терористички напад од Русија ја покажува итната потреба од поголема поддршка од украинските партнери и зголемен притисок врз државата агресор“, напиша претседателот Володимир Зеленски на Фејсбук. Според Укринформ, Зеленски на социјалните мрежи споделил и видео од најновите руски напади. „Синоќа Русија започна напад врз нашите градови користејќи различни видови оружја, проектили, беспилотни летала и воздушни бомби. Уште еден бран на терористички злосторства“, рече тој. Во Полтава, руските сили нападнаа станбена населба, при што целосно беше уништен дел од зграда. Повредени се десет лица, меѓу кои и деца, а три лица го загубија животот. Службите за итни случаи се на лице место, обезбедувајќи спасувачки операции и медицинска помош.
Дополнително, штети претрпеа регионите Запорожје, Одеса, Суми, Харков, Хмелницки и Кијив. Најмалку шест лица се пријавени како повредени, во Харков едно лице загина во напад на дрон, а во регионот Суми, две лица ги загубија животите во друг руски напад. „Секој таков акт докажува дека ни треба поголема поддршка во одбраната од рускиот терор. Секој систем за противвоздушна одбрана, секоја ракета-пресретнувач значи спасен живот. Од клучно значење е нашите партнери да преземат акција, да ги исполнат нашите договори и да го зголемат притисокот врз Русија “, рече Зеленски. Извор: Новинска агенција МЕТА