Зелен хуман град најавува мирен протестен марш во 12:30 ч. во сабота (12 април) што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање поради, како што велат, алармантниот молк и неодговорното постапување на надлежните институции во врска со хаваријата и истекувањето на токсични материи од рудникот Тораница во Крива Река. „По хаваријата, ЗХГ поднесе барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Центарот за јавно здравје Куманово и Општина Крива Паланка. Наместо одговори, се соочивме со загрижувачки факти: Дури два дена по нашето барање за информации, ДИЖС за првпат назначи овластено лице за слободен пристап до информации, што е директно кршење на Законот. Објавеното Решение за надзорот спроведен од ДИЖС во рудникот Тораница е нецелосно, полно со недоследности и грешки и не наложува соодветни мерки или санкции пропорционални на хаваријата. Клучни информации за инспекцискиот надзор, како на пример, земање примероци од акредитирана лабораторија (што е законска обврска), не се споменати во Решението.
ДИЖС блокира активистички групи и граѓани на социјалните мрежи (меѓу кои и ЗХГ) и оневозможи коментирање, покажувајќи отсуство на волја за дијалог со загрижената јавност“, соопштуваат од Зелен хуман град. Истовремено додаваат дека Центарот за јавно здравје Куманово во завиена форма им одговорил дека ниту една институција не побарала од нив да извршат анализи на водата и почвата по хаваријата, но не им одговорил на барањето во целост. „Деградирачки е, што воопшто објаснуваме зошто ова е комплетно недозволиво од некој што е платен од нас, граѓаните, да нè штити“. Нагласуваат дека граѓаните имаат уставно загарантирано право на чиста животна средина, а институциите имаат обврска да го штитат тоа право и да обезбедат навремени и точни информации, да делуваат ажурно и професионално, особено кога постои ризик здравјето на граѓаните. Бараат транспарентност и конкретни податоци за степенот на загадувањето, преземените мерки и одговорноста за инцидентот. Тие побараа од ДИЖС, МЖСПП и Центарот за јавно здравје Куманово најдоцна до среда, 9 април 2025 година, јавно да ги објават и да им ги достават сите информации кои ги ги имаат побарано преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои очигледно не ги добиле, па денеска најавија дека во сабота протестно ќе маршираат.
„Не бараме информации што институциите веќе не ги поседуваат. Општина Крива Паланка веќе ни одговори што значи дека можеа и останатите институции да ни одговорат до денес. Затоа, доколку информациите не бидат објавени до наведениот рок или доколку одговорите се манипулирачки и нецелосни, организираме мирен протестен марш во сабота (12 април) во 12:30 ч. што ќе започне пред Министерството за животна средина и просторно планирање“, потенцираа од Зелен хуман град, пред два дена. „Рокот измина, институциите не само што не одговорија на нашите барања за истекувањето на токсични материи предизвикано од рудникот Тораница, туку и в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, јавно кажа дека инспекторите не зеле мостри зашто „очигледно е дека имало еколошки инцидент, не треба инспекторите сега со мостри да видат дали има, гледаат дека има!“ Во целата оваа трагедија единствено очигледно е дека имаме непростливи институционални пропусти и нас нѐ интересира кој од службените лица ќе одговара за нив! Искрено, веќе не е битно дали си од партија или независен, дали си еко-активист или „сеедно ти е“, дали си стар, млад, жена, маж, дете, маче, куче. Не е битно зошто водата што ја пиеме, храната што ја јадеме и воздухот што го дишеме – ќе нѐ убијат сите! Групите кои се членки на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи без оглед кој е на власт!“, повкуваат од ЗХГ, а им укажаа на сите партиски членови да им се придружат, затоа што „партијата нема да ве спаси ниту вас ниту вашите најмили од болести, партијата нема да ве спаси од умирачка! Не молчете! “