Економското зајакнување на жените Ромки е стремежот на македонската Влада кон европската интеграција. Со поддршка преку Планот за раст, можеме да создадеме општество кое ќе биде економски силно и социјално праведно-порача заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков на настанот посветен на Економско зајакнување на Жените Ромки, во организација на институтот „Ромалитико“. ,,Една од причините поради која прифатив да бидам дел од Владата е меѓу другото, да се борам и да ги поддржувам правата на жените, вклучувајќи ги сите жени, без разлика на нивната национална, расна или верска припадност” порача пред присутните заменик-министерката Трајков. Таа рече дека жените Ромки заслужуваат повеќе и подобро. Нивниот значителен потенцијал треба да биде препознаен и унапреден кон приоритетите за општо добро. Владата е подготвена да работи на унапредување на правата на заедниците, на правата на жените и заеднички да создаде подобри услови за сите.
,,Нашата земја е прва во регионот којашто ќе го добие пред финансирањето предвидено со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Реформската агенда на Македонија е конзистентна со рамката на политиката на ЕУ. Планот за раст претставува значаен чекор кон економски развој и забрзување на нашиот пат кон ЕУ потенцираше заменик-министерката за европски прашања. Во контекст на правата на жените Ромки, таа најави дека ова прашање ќе биде хоризонтално поставено во рамки на стратешките документи на нашата земја. Идејата е посебно внимание да се посвети на вклучувањето на жените Ромки во економскиот процес. Потребни се мерки за нивно економско зајакнување, како образование и обука, финансии и менторска поддршка за жени Ромки кои сакаат да започнат свој бизнис. Според Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2024 година, Македонија постигнала задоволителен напредок на полето на интеграција на Ромите, но се укажува дека предизвиците се уште остануваат во делот на вклученост во редовна настава, децата на улица и сегрегација во училиштата.