Сликата на безброј мобилни телефони кои трепкаа во ноќта на 15 март од белградскиот плоштад Славија, која многумина ја споредуваат со сцени од далечните галаксии, брзо го обиколи светот. Ја објавија бројни медиуми, известувајќи за еден од најголемите протести во современата српска историја, на кој, според различни извори, се собрале меѓу 100.000 и 300.000 луѓе. Сите тие се само дел од незадоволните кои со месеци излегуваат на улиците во повеќе од 400 градови, населби и населени места низ Србија, барајќи одговорност за уривањето на настрешница и смртта на 15 лица во Нови Сад. Сепак, најголемата политичка криза во Србија од 2012 година, кога на власт дојдоа Српската напредна партија (СНС) и претседателот Александар Вучиќ, се чини дека поминува под радарот во Европа и светот. Вака сублимирано пишуваат повеќе светски медиуми за неодамнешните протести во Србија на кои излегоа илјадници Срби а неколку дена по нив сè уште нема никакви реакции во Европа, САД ниту кај другиот меѓународен фактор.
ЕУ молчи за протестите во Србија
Имено како што пишува на темава Би-би-си официјални претставници на големите сили досега не ја коментираа многу оваа слика во најголемата земја во прилично нестабилниот регион како Западен Балкан и кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Во споредба со некои други периоди во српската историја, дефинитивно може да се каже дека Европа и Америка молчат за прашањето на протестите во Србија“, вели за Би-би-си, Ведран Џихиќ, висок истражувач во австрискиот институт за меѓународна политика.
„Ако ја споредиме сегашната ситуација со протестите против Слободан Милошевиќ во 1990-тите, кога и ЕУ и САД отворено поддржуваа сè, разликата е неверојатно голема, наведува аналитичарот.
Ал Џезира на темава наведува дека критиките кон лидерите на Европската Унија во врска со студентските протести во Србија се засилија по средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со еврокомесарката за проширување Марта Кос во средата, откако барем јавно беше избегнато спомнување на ситуацијата во Србија. Кос на платформата Х напиша дека имала „конструктивна средба со претседателот на Србија“.
Разговаравме за конкретни чекори на патот на Србија кон ЕУ, спроведувањето на планот за раст и ги повторивме очекувањата за јасна ориентација на Србија кон ЕУ. Нагласив дека проширувањето е цел општествен процес. Ова не е можно без силно граѓанско општество и независни медиуми. Ова е најдобриот пат напред“, напиша Кос во објавата на мрежата Х.
Тогаш можеше да се забележат бројни критики на таа објава, каде видно незадоволни корисници пишуваа дека „српските граѓани очекуваат помош, а не вакви изјави“, дека „ЕУ ќе го изгуби последниот човек во Србија кој е проевропски“ и слично. Критики пристигнаа и од лидерот на српската опозиција Драган Ѓилас, кој се запраша за што би можела Кос конструктивно да разговара со „човек против кого со месеци протестираат студенти, професори, наставници, земјоделци, адвокати, човек чија политика собра меѓу триста и петстотини илјади луѓе во саботата во Белград“. Исто така, група европратеници од неколку политички групи во средата ја повикаа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да ја преиспита нејзината најавена средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и наместо тоа да испрати јасна порака дека на Србија и треба преодна влада.
ЕУ „фокусирана на економските интереси“
На прашањето зошто некои лидери на ЕУ воопшто не ја споменуваат ситуацијата во Србија, Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања, за Ал Џезира изјави дека „поддршката доаѓа главно од европратениците, додека водечките личности како Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и Марта Кос молчат, бидејќи членките на ЕУ се пред сè фокусирани на економските интереси“.

„Таквиот пристап ќе биде штетен на долг рок за самите европски лидери, бидејќи ќе овозможи понатамошна консолидација на авторитарните структури во Србија и слабеење на проевропските сили“, додава тој.
Проблем и во опозицијата
Во исто време повеќе аналитичари од Балканот потврдуваат дека ЕУ не е хомогено тело и дека се состои од неколку институции кои се борат за влијание меѓу себе, но проблемот го гледаат и во српската опозиција.

„ЕУ би можела да и даде поголема поддршка на опозицијата кога би била појасно профилирана и проевропска. Сепак, опозицијата во Србија страда од неспособност, фрагментација и его борби меѓу лидерите на малите партии, што го намалува нејзиниот кредибилитет во очите на меѓународните партнери сите избирачки места, јасна комуникација и евидентирање на сите неправилности – пишува Ал Џезира.
Како што наведува медиумот „Европската комисија и Советот на Европската Унија се обврзани со дипломатски протокол и приоритет им е стабилноста, додека пратениците во Европскиот парламент се послободни отворено да го критикуваат Вучиќ“.
„Така, поддршката за протестите дојде доминантно од редовите на социјалистите, демократите, либералите и зелените, додека Европската народна партија (ЕПП) молчеше метро“ – наведува медиумот.