Откако наполнила 42 години, Теша Кар помислила дека завршила со имањето деца. Шест, во нејзиниот ум, била совршената бројка. Дополнително, таа била и убедена дека влегла во менопауза. Шест месеци ги забележувала истите знаци кои ги спомнувале и нејзините пријателки: неконтролирано препотување, промени во расположението, чувствителни гради. Во разговор со сопругот, одлучиле дека е безбедно да престанат да користат контрацепција. Но, непомалку од еден месец подоцна, Кар почуствувала познат вид грчевита болка во нејзиниот јајник – истата сензација што се појавувала секојпат кога таа била трудна во минатото. Кар во првиот момент се засрамила.„Тинејџерки случајно забременуваат. Четриесет и две годишни жени обично не затруднуваат по грешка“, ми рече таа. Но, изненадувачката вистина е дека 42-годишни жени често имаат спонтана бременост. Речиси четири отсто од сите нови бебиња имаат мајки кои се 40-годишни или постари, а една третина од бременостите во оваа возрасна група се непланирани – велат најновите податоци од Државниот центар за здравствени статистики. Тоа е толку честа појава што е основа за сижеата на познати серии како Downton Abbey, Sex Education, And Just Like That, Grey’s Anatomy и Black-ish. Многу жени сè уште веруваат дека по 40-та, непланираната бременост не е проблем. Сепак, на повеќето од нас цел живот ни кажуваат дека ни отчукува биолошкиот часовник и дека плодноста драстично опаѓа по 35-годишна возраст. Исто така, кажувано ни е дека треба да чекаме некој вид репродуктивна технологија за да забремениме – ако е воопшто возможно.
За да разбереме зошто бременоста може да се случи, а и се случува, на таа возраст, треба да го земеме превид чудниот меѓупростор наречен перименопауза. Оваа фаза може да трае од неколку месеци до осум години. Се претпоставува дека тоа е лесен премин во фазата на менопауза. Но, фазата повеќе наликува на хормоналниот пубертетски хаос кога се будат јајниците кои обидувајќи се да го сфатат нивното „ново јас“, поттикнуваат телесен башибозук. Во перименопауза, јајниците повторно се обидуваат да се адаптираат на „новото нормално“. Само овојпат, тие работат прекумерно и испраќаат естроген за да привлечат многу помало количество јајца за ослободување при овулација. Во ваков период, може да овулирате двапати во еден циклус, да прескокнете циклус или да доживеете непредвидливи краткотрајни менструации. „На некој начин, јајниците полудуваат“, вели Робин Нобл, гинеколот и специјалист за менопауза од Мејн. Тоа може да предизвика секакви чудни последици. На пример, екстремните хормонски скокови го стимулираат јајникот да ослободи дополнителни јајцеклетки, што е една од причините зошто постари жени почесто раѓаат близнаци. Ако јајниците уште ви овулираат, можете да забремените, иако шансите за забременување се намалуваат со возраста, конкретно при крајот на 30-те. Според Американската заедница за репродуктивна медицина, шансата за забременување за време на еден менструален циклус по 40-та е помалку од 5 отсто. Проблемот започнува кога оваа мала веројатност ги води жените да користат понесигурни методи за контрацепција, како „ритам методот“ или излегувањето пред ејакулацијата на мажот. Благодарение на хормонските скокови и помалку предвидливите менструални циклуси, овие методи стануваат уште поризични за време на перименопауза, зголемувајќи ја веројатноста за забременување. „Секојдневно слушам за тоа“, вели Рејчел Поуп, гинеколог и директорка на женското сексуално здравје во универзитет Хоспиталс во Охајо. „Многу жени мислат дека нивниот репродуктивен потенцијал е непостоечки, што не е вистина“. Всушност, не можете да бидете сигурни дали сте во менопауза освен немате менструација една цела година. Поради ова, Друштвото за менопауза препорачува, доколку сакате да превенирате несакана бременост, да имате хормонска спирала или да земате апчиња за контрацепција една година по последната менструација. За секој случај.
Да додадеме на збунетоста, некои симптоми на перименопауза – пропуштена менструација, умор, промени во расположение… наликуваат на раните симптоми на бременост. Лиза Периера, гинеколог и директорка на Центарот за жени (група клиники за абортус низ повеќе држави), речиси секој месец гледа шокирани жени на кои не им се верува дека воопшто можеле да забременат. „Секако дека сум чула многу 47-годишни жени како викаат ‘Само мислев дека сум во менопауза’“, вели таа. Бидејќи жените во нивните четриесети повеќе внижаваат на телесните промени врзани со возраста, наместо на знаците на бременост, многу од нив не дознаваат дека се трудни 16 или 20 недели по зачнувањето, вели Периера. Тоа ѝ се случило и на Ан Руиз. Во 2017 година, 43-годишната мајка не доживувала знаци на пероменопауза, но увидела дека бргу ѝ се затворала рамката за забременување. Нејзината менструација секогаш била нерегуларна, па не била многу загрижена кога ѝ доцнела месец или два. Кога почнала да има утринска мачнина и направила тест за бременост, веќе била во вториот месец од бременоста. Руиз и нејзиниот маж добро ја примиле веста, но исто така се почувствувале преплавени. „Можеби 60 отсто се возбудени, а 40 отсто загрижено се прашуваат како ќе почнат сè одново“, ми рече докторката. Руиз се породила следната година и веднаш ставила спирала.
Соочувањето со бременост во време кога мислиш дека не е возможна е многу вознемирувачко. „Гледам многу пациенти кои се потресени од тоа“, вели Поуп. „Да имаш непланирана бременост може целосно да ти го промени животот“, особено во време кога во многу држави, пристапот до абортус е тежок или невозможен. Негирањето е честа првична реакција. Откако Кристина Фичикиа почнала да доживува нерегуларна менструација, на 42 години, нејзиниот гинеколог ѝ рекол дека е во перименопауза. Па, кога една менструација “ја прескокнала”, си помислила дека циклусот засекогаш завршил. Потоа почнала да се чувствува како да е трудна – „откако си била бремена неколку пати, некако знаеш“, вели таа. Сепак дури и по позитивниот тест, Кристина побарала гинеколошки преглед за да ги потврди резултатите. По планираните две бремености, Фичичка имала тешкотии да го прифати изборот со кој се соочувала: „Тоа беше избор којшто никогаш не мислев дека ќе морам да го направам“ Многу жени се соочуваат со дополнителна возменираност бидејќи знаат дека бременост над 40 години доаѓа со поголеми ризици. Шансите за спонтан абортус се една од три, ако не и повисоки, според Мајо клиниката. Бремени луѓе над 40-годишна возраст се исто така на поголем ризик од прееклампсија, гестациски дијабетес, плацента превија, предвремено породување, хипертензија, повреди на карличното дно – во суштина сè што може да отиде во погрешна насока, вели Поуп. Исто така, се зголемува ризикот за Даунов синдром и други хромозомски абнормалности. По разговорот со нејзиниот акушер, Фичикија на крајот одбрала да ја продолжи бременоста. И покрај нејзината зголемена анксиозност, таа го родила Емерсон, своето четврто дете, на 43 години без никакви компликации. Кар немала таква среќа. Таа имала спонтан абортус иако со сопругот се прилагодиле на веста и ги известиле колегите, а и другите деца дека треба да очекуваат ново братче или сестриче. На ултразвук во осмата недела, техничарот ѝ кажал дека фетусот нема срцева акција. Откако конечно си дозволила да си замисли уште едно дете во нејзината иднина, Кар била скршена: „Бев прилично задоволна каде бев во животот, а потоа се случи ова и сè се сврти наопаку“.Таа сè уште се обидува да ја разбере загубата, плашејќи се од неделните е-пошти од веб-страниците за бременост, кои уште ѝ испраќаат реклами на производи за доење. „Ако знаев што се случува во моето тело, тогаш никогаш немаше да дојде до ова“ ми кажа таа. „Не бев информирана.“ Секако, телото може да ги збуни и оние кои се добро информирани—на пример, за лекарите кои го поминуваат својот ден објаснувајќи ја перименопаузата на своите пациенти. Кога Поуп во јули не добила менструација и почнала да има поосетливи гради, имала претчувство дека знае што се случува: перименопауза. Иако 38 години е почетната возраст за оваа фаза, таа сепак помислила дека „веројатно е тоа“ . Спонтаната бременост изгледала малку веројатна, со оглед на тоа дека со сопругот користеле ИВФ за нивните две деца и планирале повторно да го користат. „Тогаш мојот сопруг, кој е семеен лекар, рече: ‘Можеби треба да направиш тест’“.Всушност, Поуп не била во перименопауза. Таа била во петата недела од бременоста. Рејчел Е. Грос Превод: Филипа Сара Попова